
Поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи и актуелниот шеф на дипломатијата Тимчо Муцунски влегоа во остра вербална пресметка на социјалните мрежи околу тумачењето на евроинтегративниот процес и документи кои го дефинираат патот на Македонија кон ЕУ, соопштија двајцата политичари преку своите официјални профили.
Поводот за реакцијата беше претходната објава на Бујар Османи, во која тој се повика на изјави со кои, според него, се потврдува неговата долгогодишна теза за статусот на Протоколот.
„Еве четири години велам дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. Четири години трпам критики, напади и навреди. Четири години цртам на табли, објаснувам, повторувам. Еден чекор поминат – Протоколот не е дел од рамката. Продолжуваме понатаму…“, соопштува поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи.
Муцунски: Османи е последниот кој треба да држи лекции за легитимитет
На ваквата констатација веднаш со остар одговор излезе актуелниот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој му порача на Османи да не ги извртува фактите и да не бара политички поени од состојбите во кои самиот ја оставил државата.
„Бујар Османи последен има право да држи лекции за тоа што е прифатено, а што не. Тој многу добро знае што преговараше, што прифаќаше и во каква позиција ја остави државата. Политичар кој не успеа да ја добие довербата ниту на своите најблиски сограѓани во Чаир е последниот што треба да говори за политички легитимитет. По таков пораз многумина би покажале одговорност и би се повлекле. За разлика од неговите спинови, позицијата на оваа Влада е јасна и непроменета од првиот ден, со дела покажавме доследност и јасна заштита на македонските национални интереси пред меѓународните партнери“, соопштува министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Муцунски дополнително подвлече дека граѓаните имаат долга меморија и многу добро знаат кој ја довел земјата во оваа дипломатска позиција, а кој денес се обидува да побегне од сопствената одговорност.
Бонус видео:


