
Осумнаесетгодишен жител на Делчево пронашол изгубени лични документи и поголема сума пари, кои веднаш ги предал во локалната полициска станица, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Според полициското соопштение, младиот делчевец на булеварот „Македонија“ во градот пронашол патна исправа и лична карта сопственост на негов сограѓанин, заедно со 114.000 денари и околу 2.000 евра. Тој околу 14:00 часот ги однел пронајдените работи во Полициската станица Делчево.
Од МВР го поздравуваат овој чин, оценувајќи го како позитивен пример за чесност и високо развиена граѓанска одговорност. Од Министерството посочуваат дека ваквите постапки кај младите луѓе заслужуваат јавно признание и претставуваат поттик за негување на општествените вредности и одговорното однесување во заедницата.
