
Директна авиолинија меѓу Скопје и Подгорица и инфраструктурно поврзување со црногорското пристаниште Бар се главните резултати од работната посета на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на Црна Гора, соопштуваат од ресорното министерство.
Николоски во Подгорица оствари средби со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, вицепремиерот за европски и надворешни работи Филип Ивановиќ, како и со министерот за сообраќај Радош Зечевиќ. Како што истакна тој, наскоро се очекува потпишување договор за директен лет меѓу двата главни града, со што ќе се олесни патувањето, ќе се поттикне туризмот и ќе се овозможи поблиска соработка меѓу бизнис-заедниците, во услови кога аеродромите и во Скопје и во Подгорица бележат континуиран раст.
Во делот на патната инфраструктура, Николоски нагласи дека изградбата на автопатот Скопје – Блаце има стратешко значење бидејќи овозможува пристап до трето регионално пристаниште. Покрај Солун, со кој земјата има автопатска и железничка поврзаност, и Драч, каде инфраструктурата активно се гради, преку новата автопатска делница кон границата ќе се отвори директен коридор и кон пристаништето Бар.
На средбите во Подгорица станало збор и за заеднички настап на двете држави пред европските фондови и меѓународните банки за финансирање проекти од областа на интелигентните транспортни системи и коридорското поврзување, како и за продлабочување на севкупната политичка и економска соработка.
