Филмскиот продуцент Дејвид Елисон застана на чело на нов холивудски мега-конгломерат по финализирањето на зделката вредна 110 милијарди долари за преземање на „Ворнер брос. Дискавери“ (Warner Bros. Discovery), при што инкасираше бонус од 150 милиони долари за успешното реализирање на спојувањето, објави „Форбс“.
Новоформираната компанија, преименувана едноставно во „Скајденс“ (Skydance), под еден покрив ги обединува некои од најмоќните брендови во забавната индустрија – телевизиските мрежи CBS, HBO и CNN, како и филмските студија „Парамаунт пикчрс“ (Paramount Pictures) и „Ворнер брос“ (Warner Bros.). Наградата од 150 милиони долари во готовина и акции, заедно со претходните удели и недвижности, го зголеми личното богатство на Дејвид Елисон на над една милијарда долари.
Сепак, и покрај тоа што стана милијардер, „Форбс“ нема да го вклучи Дејвид како самостоен член на својата престижна листа на светски милијардери, туку неговото богатство го третира како дел од семејното богатство на татко му, Лери Елисон. Коосновачот на софтверскиот гигант „Оракл“ (Oracle) и осми најбогат човек на планетата со проценети 185 милијарди долари, беше главната финансиска потпора зад ова историско спојување. Лери Елисон лично гарантираше над 45 милијарди долари од трансакцијата.
Семејството Елисон контролира 77,5 отсто од гласачките права во новиот медиумски конгломерат, а речиси сите тие гласачки права му се доверени токму на Дејвид. Сепак, бидејќи парите зад зделката во најголем дел му припаѓаат на таткото, магазинот во вакви комплексни семејни трансакции целото креирано богатство му го припишува на основачот на империјата.
