Одбележани 84 години од загинувањето на народниот херој Стив Наумов

По повод 84-годишнината од загинувањето на народниот херој Стив Наумов, денеска во Битола се одржа комеморативен настан на кој делегации положија цвеќе и се поклонија пред неговиот споменик на Широк Сокак, соопшти Општина Битола.
Во име на локалната самоуправа, свежо цвеќе пред споменикот положи заменик-градоначалничката Марина Крстиќ, како и претставници на Советот на Општина Битола. Почит кон херојот оддадоа и претставници на Сојузот на борците од Битола, политички партии, членови на семејството и роднини, здруженија на граѓани, како и директорот и ученици од основното училиште кое го носи неговото име.
Во рамките на одбележувањето на годишнината, хорот при основното училиште „Стив Наумов“ од Битола настапи со изведба на песна посветена на народниот херој.
