ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕПУБЛИКА

Формиран „Охридски форум за дијалог“ меѓу уставните судови на Македонија, Србија и БиХ за поголема доверба во судството

По иницијатива на Уставниот суд на Република Северна Македонија, а со поддршка од уставните судови на Србија и Босна и Херцеговина, официјално е формиран „Охридски форум за дијалог за поголема доверба во уставното судство“. Станува збор за нова платформа за регионална соработка и размена на искуства која има за цел да ги унапреди принципите на независност, транспарентност и ефикасност на уставните судови во регионот.

Основањето на форумот е резултат на дводневната регионална конференција одржана неодамна во Охрид, поддржана од Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ). Заклучокот од форумот е дека довербата во уставното судство е системско прашање кое бара ангажман и од судиите, но и од политичките субјекти, медиумите и стручната јавност.

За јакнење на независноста и намалување на политичките влијанија, Форумот препорачува донесување на Кодекс на однесување на судиите. Истовремено, се потенцира дека е неопходно судовите да работат во полн состав, а изборот на судии да биде транспарентен, објективен и деполитизиран, со соодветно буџетско уредување.

Во поглед на транспарентноста, судовите се обврзуваат повеќе да се отворат кон јавноста преку директни преноси од седниците, соопштенија, брифинзи и присуство на социјалните мрежи. Сепак, се воведуваат и строги ограничувања за јавните настапи на судиите, кои ќе имаат забрана за дискусија за тековни предмети, забрана за прејудицирање на исходот на постапките и строго избегнување на ad hominem обраќања кон други личности.

Ефикасноста, пак, ќе се гарантира преку почитување на утврдените рокови и избегнување на неоправдано одолговлекување на постапките, како и преку дигитализација и користење на современи софтверски решенија.

Охридскиот дијалог предлага и склучување на заеднички Меморандум за зголемување на довербата во уставните судови, преку кој ќе се утврдат стандарди за транспарентност и методологија за континуирано следење на јавната доверба во секој од судовите.

Back to top button