ЕК го признава проблемот, но не го менува 90/180: Што им нуди Брисел на професионалните возачи?

Европската комисија потврди дека правилото според кое државјаните на трети земји можат да престојуваат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во период од 180 дена останува во сила и по разговорите со претставници на професионалните возачи од Западен Балкан. Брисел признава дека правилото создава практични проблеми за камионџиите, но решението засега треба да се бара во рамките на постојните шенгенски правила.
Портпаролот на Европската комисија Маркус Ламерт изјави дека Брисел е свесен оти за одредени професионалци од земји надвор од ЕУ природата на нивната работа бара престој во повеќе земји членки подолг од дозволените 90 дена.
Меѓу нив, покрај уметници на турнеи и спортисти, Комисијата експлицитно ги вбројува и професионалните возачи на камиони.
Сепак, шенгенските правила нема да бидат суспендирани само за возачите од Западен Балкан.
Како можни практични решенија, Комисијата ги посочува националните долгорочни визи, дозволите за престој, постојните билатерални договори, како и можноста во ограничени случаи одредени возачи да бидат третирани како прекугранични работници.
EES не го воведе ограничувањето
Од Европската комисија повторно нагласуваат дека новиот систем за влез и излез EES, не го создаде правилото 90/180.
Ограничувањето постои со години. EES само електронски ги регистрира влезовите и излезите и овозможува многу попрецизно да се утврди колку време едно лице престојувало во Шенген.
Системот е целосно оперативен од 10 април годинава и ги заменува класичните печати во пасошите со електронска евиденција.
За професионалните возачи токму тука настанува проблемот. Тие може во текот на една работна недела повеќепати да влегуваат и излегуваат од Шенген, а секој календарски ден на престој се пресметува во лимитот.
Брисел признава дека сегашниот систем е проблематичен
Иако нема непосредно изземање, превозниците имаат важен аргумент на своја страна.
Во официјалната Визна стратегија на ЕУ, усвоена во јануари годинава, Европската комисија директно наведува дека камионџиите што опслужуваат компании во ЕУ се меѓу професионалците на кои може да им биде потребен пристап до повеќе земји членки подолго од 90 дена во период од 180 дена.
Комисијата во документот најавува работа со земјите членки на „прагматични решенија“ и разгледување на можноста во иднина да биде предложено ново европско законодавство за продолжен краткорочен престој за избрани категории професионалци.
Но тоа е среднорочно или долгорочно решение и не го менува статусот на возачите денес.
Превозниците очекуваа преодно решение
Токму затоа транспортните здруженија од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора од состанокот на 1 септември очекуваа барем преоден механизам.
Според „Макам-транс“, проблемот засега околу 17.000 професионални возачи од Македонија, а здруженијата проценуваат дека во четирите земји од регионот станува збор за околу 100.000 возачи. Овие бројки се проценки на транспортниот сектор, а не официјална статистика на Европската комисија.
Пред состанокот, превозниците на 31 август организираа двочасовни предупредувачки протести во Скопје и во другите три земји од регионот.
100.000 возачи од Западен Балкан го чекаат Брисел: Денеска се решава проблемот со правилото 90/180
„Макам-транс“ претходно најави дека доколку не биде договорено преодно решение, транспортните здруженија ќе ја разгледаат можноста од 14 септември да започнат нови протести на граничните премини.
Таквата блокада, сепак, не е автоматски потврдена. За неа треба согласност од превозниците во секоја земја и одобрение од надлежните органи.
Од здружението предупредуваат дека евентуалниот протест би можел да биде сличен на јануарскиот и да трае подолго, при што би биле дефинирани категории стоки што ќе се пропуштаат поради јавен интерес.
По одговорот од Брисел, затоа, проблемот не е затворен. Европската комисија признава дека професионалните возачи се специфична категорија и дека сегашниот систем создава тешкотии, но засега не нуди нивно целосно изземање од правилото 90/180.
Следниот спор меѓу превозниците и Брисел ќе биде околу тоа дали решенијата преку визи, дозволи и национални договори можат да функционираат во практика или ќе биде потребно ново единствено правило на ниво на целата Европска Унија.
Ј. Ѓ.

