Мрежата за заштита од дискриминација до Сиљановска-Давкова: Знаете ли чии вредности легитимирате преку здружението „Јас сум жена“?

Мрежата за заштита од дискриминација упати отворено писмо до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во кое изразува загриженост поради нејзината неодамнешна средба со претставнички на здружението „Јас сум жена“, посочувајќи дека оваа организација е тесно поврзана со меѓународни мрежи кои активно работат на ограничување на правото на абортус.
Реакцијата следи по средбата одржана на 6 октомври, на која здружението било претставено низ призмата на женско вмрежување и економско јакнење. Но, од Мрежата посочуваат дека претседателката на „Јас сум жена“, Ана Дукоска, е коосновачка на меѓународната мрежа „Мајки за слобода“, заедно со Кимберли Флечер, основачка на американската организација „Мајки за Америка“. Оваа организација, според наводите во писмото, отворено се позиционира против репродуктивните права на жените и активно лобирала за укинување на федералната заштита на правото на абортус во САД. Дел од оваа глобална мрежа е и иницијативата „Мајки за Македонија“, промовирана лани во Охрид.
Од граѓанскиот сектор предупредуваат дека економското јакнење не смее да биде параван зад кој ќе се легитимираат агенди против човековите права. Тие апелираат до институциите, бизнис-заедниците, стартап-екосистемите и медиумите внимателно да проверуваат со кого соработуваат, бидејќи современите антиродови движења најчесто настапуваат скриени зад општоприфатливи теми како семејство, мајчинство, женско лидерство и претприемништво.
Преку писмото, Мрежата јавно ја прашува претседателката Сиљановска-Давкова дали, кога им дава јавен простор и институционален легитимитет на претставничките на „Јас сум жена“, е запознаена со нивната улога и со политичките позиции на „Мајки за Америка“.
„Дали за институцијата Претседател економското јакнење на жената подразбира и нејзино право сама да одлучува за сопственото тело, бременоста и репродуктивното здравје?“, прашуваат од Мрежата, порачувајќи дека правото на абортус е стекнато со повеќедецениска борба за еманципација и не смее повторно да стане предмет на идеолошко преговарање.
