ВЕСТИСВЕТ

Над 1.300 исчезнати и најмалку 168 загинати, по разорен бран од колапс на глечер на границата Непал–Тибет

Бројот на исчезнати по катастрофалните поплави на границата меѓу Непал и кинески Тибет надмина 1.300, а спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по преживеани во подрачја затрупани со огромни количества кал, карпи и урнатини. Според најновите податоци што ги пренесуваат Асошиејтед прес и Ројтерс, најмалку 168 луѓе загинале, додека бројот на исчезнати се приближува кон 1.500.

Само во Непал 826 лица се водат како исчезнати, а загинале најмалку 165. На тибетската страна, кинеските власти утрово соопштија дека 558 лица се исчезнати, а три се загинати. Новиот кинески биланс е значително повисок од првичните 265 исчезнати објавени во средата вечерта, што покажува дека размерите на катастрофата сè уште се утврдуваат.

Меѓу исчезнатите има голем број странски туристи. Ројтерс наведува дека повеќе од 700 странски државјани се водат како исчезнати на двете страни од границата. Во Непал меѓу исчезнатите се 177 државјани на Индија, 63 на САД, 34 на Австралија, 33 на Велика Британија и 25 на Канада. Од 558 исчезнати во Тибет, 260 се странски државјани.

Катастрофата ја погоди област низ која минува важен пат што ги поврзува Катманду и Ласа и кој е особено користен од планинари и аџии кои патуваат кон Кајлаш Мансаровар, свето место за повеќе религии.

Не бил земјотрес, туку колапс на глечер

Во првите часови по катастрофата се појавија информации дека земјотрес можеби го активирал свлечиштето. Американскиот геолошки институт, меѓутоа, ја ревидираше првичната проценка.

Сеизмичкиот сигнал кој првично беше пријавен како земјотрес со магнитуда 4,4, всушност бил предизвикан од колапс на огромна маса глацијален мраз и карпи и последователно движење на материјалот. Дополнителната анализа покажала дека немало земјотрес, а регистрираниот сеизмички настан поврзан со колапсот бил со магнитуда 5,2.

Прелиминарните анализи укажуваат дека огромна маса мраз и карпи паднала во речниот систем Лхенде, притока на Бхоте Коши, и предизвикала ненадеен бран од вода, кал, камења и друг материјал кој се движел низ тесните хималајски долини.

Размерот на бранот бил огромен. Според Меѓународниот центар за интегриран планински развој, нивото на реката Тришули на едно мерно место се зголемило за околу девет метри за само половина час, а на друго место за околу седум метри во сличен временски период.

Поплавата носела автомобили, уништувала мостови, патишта, куќи и енергетска инфраструктура. На некои места населбите покрај реката биле практично збришани.

Илјадници спасувачи на терен

Во Непал се ангажирани повеќе од 5.000 припадници на армијата и полицијата, а хеликоптери се користат за извлекување преживеани и за доставување храна, шатори и други неопходни средства до отсечените населени места. До последниот пресек биле спасени најмалку 125 луѓе, меѓу нив и 20 странски државјани.

На тибетската страна исто така се распоредуваат дополнителни спасувачки сили. Кинеското Министерство за управување со вонредни состојби соопшти дека првата група од 141 спасувач веќе пристигнала кај граничниот премин Гиронг, додека дополнителни стотици спасувачи со хеликоптери и специјализирана опрема се испраќаат кон погоденото подрачје.

Потрагата дополнително ја отежнуваат уништените патишта, прекините во комуникациите и огромните наслаги од кал, кои во делови од Тибет достигнуваат повеќе од два метра. Властите предупредуваат и на опасност од нови свлечишта и поплави. Во близина на погодената област е забележано и природно преградено езеро, што создава дополнителен ризик доколку насобраната вода нагло се ослободи.

Хималајскиот регион е особено чувствителен на вакви катастрофи. Експертите предупредуваат дека затоплувањето ги менува глечерите, снежната покривка и стабилноста на високите планински падини, но ICIMOD нагласува дека сè уште е прерано конкретно оваа катастрофа директно да се припише на климатските промени.

Back to top button