АРТВЕСТИ

Александар Степанулески е добитник на престижната актерска награда „Ристо Шишков“ за 2026 година

Престижната награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“ за 2026 година му е доделена на актерот Александар Степанулески за улогата на Луков во претставата „Црнила“ од Коле Чашуле. Претставата е во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“.

​Одлуката е донесена едногласно од стручната жири-комисија на 34. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Комисијата која го оценуваше актерското мајсторство на фестивалот работеше во состав: Билјана Драгиќевиќ-Пројковска како претседателка, и Биљана Ѓуровиќ и Иван Додовски како членови.

​Во официјалното образложение, жирито истакнува дека Степанулески го гради Луков како фигура на привидна неприкосновена моќ, која постепено се распаѓа и ги открива стравот, зависноста и моралната разграденост на ликот. „Со силно сценско присуство, прецизни промени на актерските регистри и уверлива игра на авторитетот и неговото нарушување, тој ја разоткрива сложената противречност на човекот што манипулира, заплашува и организира политичко убиство, а истовремено останува заробеник на системот на кој му служи“, се наведува во одлуката за наградата.

Back to top button