Потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, изрази голема благодарност до Европската Унија за значајната донација наменета за Државниот инспекторат за транспорт. Според неговите зборови, со оваа поддршка инспекторатот добива комплетно нова димензија преку обезбедувањето на специјално опремени возила кои директно ќе придонесат за поефикасен инспекциски надзор на терен, значително поголема безбедност во сообраќајот и подобра долгорочна заштита на целокупната патна инфраструктура.
Министерот упати посебна благодарност до евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, за неговиот личен ангажман и посветеност во целосната реализација на овој проект. Николоски појасни дека оваа донација има многу пошироко значење од самата набавка на транспортни средства, бидејќи вклучува напредни технолошки алатки и надградба на капацитетите на самите инспектори.
Николоски потенцираше дека паралелно со изградбата на новата патна мрежа, државата мора да воспостави и строги механизми за нејзино зачувување.
„Благодарност до амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, за неговата лична посветеност во реализацијата на проектот. Оваа донација не се само возила, туку и современ софтвер за следење на возилата, како и знаење и обука за инспекторите во Државниот инспекторат за транспорт. Оваа донација значи иднина. Градиме експресни патишта и автопати, но истовремено мора многу да внимаваме на безбедноста и на заштитата на патиштата. Еден од главните фактори за нивно уништување е непочитувањето на правилата. На овој начин инвестициите што ги правиме ќе добијат долгорочна вредност“, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Со воведувањето на новата опрема и софтверските решенија, Државниот инспекторат за транспорт ќе може многу побрзо и попрецизно да ги контролира прекршувањата во сообраќајот, особено кај тешките товарни возила кои често го пречекоруваат дозволениот лимит и ја оштетуваат патната подлога, со што се гарантира долготрајност на новите капитални инвестиции, се наведува во објавата од Николпски.
