Македонскиот народен театар (МНТ) на 29 септември ќе биде домаќин на Театарот „Марин Држиќ“ (КМД) од Дубровник, кој пред скопската публика ќе ја изведе претставата „Види како Локрум мие заби“, според романот на хрватската писателка Ивана Ловриќ Јовиќ, соопштија од МНТ.
Ова гостување претставува потврда за успешната меѓународна соработка и возвратна посета по неодамнешното гостување на МНТ во Дубровник со претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов.
Емотивна семејна драма во режија на Паоло Тишљариќ
Претставата „Види како Локрум мие заби“, во режија на Паоло Тишљариќ и драматизација на Маријана Фумиќ, е копродукција меѓу Театар „Марин Држиќ“ и Дубровничките летни игри. Станува збор за интимна приказна што низ четири генерации жени од едно семејство ги истражува сеќавањата, тагата, љубовта и справувањето со загубата.
„Во актерската екипа настапуваат Марија Шегвиќ / Ирена Тереза Прпиќ, Сандра Лончариќ, Миреј Станиќ, Ања Ѓуриновиќ, Перица Мартиновиќ, Ника Ласиќ, Борис Матиќ и Бојан Берибака“, соопштуваат од МНТ, додавајќи дека билетите се веќе пуштени во продажба преку официјалната веб-страница на МНТ.
