ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ММА и МРТ обвинуваат за незаконско емитување на Арена каналите, најавија кривични пријави против АВМУ

Националните радиодифузери членки на Македонската медиумска асоцијација (ММА) и јавниот сервис Македонска радио-телевизија (МРТ) преку заедничко соопштение обвинија за сериозни злоупотреби и заобиколување на македонските закони од страна на нови телевизиски сервиси креирани од српски компании. Двете организации најавија дека ќе поднесат соодветни поднесоци до Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи за да се испита евентуалната одговорност на надлежните лица во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Според ММА и МРТ, постојат материјални докази дека спортските канали „Арена М1“, „М2“ и „М3 Премиум“ подолг период работат без домашна дозвола. Тие реагираат дека регулаторот АВМУ ги третира овие канали како странски програмски сервиси кои се реемитуваат во државата, иако целокупната продукција, студиските емисии, новинарите и коментаторите се лоцирани во Скопје, а програмата се емитува на македонски јазик. Дополнителен сомнеж фрла фактот што овие канали воопшто не постојат во евиденцијата на српскиот регулатор РЕМ, што укажува дека не се домицилни српски канали, додека во операторските евиденции одобрени од АВМУ тие се водат како странски сервиси на српски јазик.

Асоцијацијата и јавниот сервис бараат од истражните органи да утврдат дали со ваквото постапување е оштетен државниот буџет преку неплаќање лиценци и дали постои одговорност кај сопствениците на телевизиите и службениците во АВМУ. Истовремено, се бара проверка за евентуално неовластено користење на премиум спортски телевизиски права, како и ставање крај на долгогодишното незаконско реемитување на одредени канали од Хрватска, Албанија, Босна и Србија.

ММА и МРТ децидно порачуваат дека нема да дозволат истиот модел на изигрување на законот да се примени и за најавениот телевизиски канал „Еуроњуз Македонија“. Тие предупредуваат дека нема да прифатат АВМУ да го третира овој канал како странски сервис на ист начин како каналите на „Арена“, нагласувајќи дека беззаконието кое денес се толерира како исклучок, утре може да стане правило.

Back to top button