ВЕСТИИМПУЛСМАГАЗИНТРЕНД

Таткото на Ејми Вајнхаус го загуби судскиот спор – мора да им плати милион фунти на нејзини пријателки

Таткото на британската музичка сензација Ејми Вајнхаус е обврзан да им исплати 950.000 фунти на пријателките на неговата покојна ќерка, откако неуспешно ги тужеше за продажба на нејзината облека и други лични предмети на аукција, пренесуваат британските медиуми.

Мич Вајнхаус претходно оваа година го загуби судскиот спор пред Високиот суд во Лондон против поранешната стилистка на пејачката, Наоми Пари, и нејзината блиска пријателка Катриона Гурлеј. Тој пред судот тврдеше дека тие немале право да ги продаваат предметите и дека ја искористиле неговата заборавеност за да заработат повеќе од 1,4 милиони долари. Спротивно на тоа, двете жени негираа каква било нечесност, посочувајќи дека предметите им биле подарени или позајмени од самата пејачка. Вкупно 155 предмети, вклучувајќи облека, балетанки, чанти, обетки, шминка и фустанот што таа го носеше на нејзината последна турнеја во 2011 година, беа продадени на аукции одржани помеѓу 2021 и 2023 година.

Судијката Сара Кларк утврди дека пријателките на Ејми не прикриле намерно ниту еден од предметите и дека таткото на пејачката цело време знаел за планираната продажба, а ги тужел за пари дури откако процесот целосно завршил. Во својата одлука од средата, судијката остро го критикуваше Мич Вајнхаус, истакнувајќи дека тој избрал да покрене инхерентно слабо тврдење и агресивно да го води до крај, изнесувајќи сериозни и неосновани обвинувања. Според нејзините зборови, ваквото однесување значително им наштетило на угледот, кариерата, финансиската сигурност и здравјето на двете пријателки. Таа додаде дека фактот што тој свесно и намерно го направил ова на две млади жени кои верно стоеле покрај Ејми, го прави неговото неразумно однесување особено сериозно.

Во претходната пресуда од април, судијката веќе потенцираше дека Ејми Вајнхаус била позната по нејзината извонредна великодушност кон своите пријатели, но и кон луѓе кои едвај ги познавала. Познатата кантавторка, славна по својот специфичен глас и огромниот глобален успех, почина во јули 2011 година од труење со алкохол, на само 27-годишна возраст.

Редакција Брц

Back to top button