ВЕСТИПОЛИТИКА

Кузманоска: Економскиот раст достигна 4,3%, инфлацијата падна на 2,3 отсто

Македонската економија во вториот квартал од 2026 година забележа реален раст од 4,3 проценти, што претставува сериозно забрзување во однос на растот од 1,6 отсто регистриран во првиот квартал од 2024 година, соопшти денеска пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Биљана Кузманоска, на прес-конференција.

Кузманоска истакна дека овој резултат не е изолиран случај, туку показател за широка основа на стопанската активност низ повеќе клучни сектори.

Според презентираните податоци, инвестициите во вториот квартал бележат реален раст од 16,5 проценти, извозот на стоки и услуги е зголемен за 10,4 проценти, додека во градежништвото е евидентиран скок од 21,9 проценти. Позитивни движења се забележани и во преработувачката индустрија, трговијата, транспортот, угостителството, како и во ИКТ-секторот.

Како важен параметар за економската стабилност, пратеничката го посочи и смирувањето на ценовниот притисок.

– Додека економскиот раст забрзува, инфлацијата се намалува и таа денес изнесува 2,3 отсто, нагласи Кузманоска, додавајќи дека крајната цел е овие макроекономски показатели да се преточат во повисок животен стандард, повисоки плати и нови работни места.

Таа најави дека фокусот на Владата во претстојниот период ќе остане насочен кон поддршка на приватниот сектор, реализација на капиталните проекти и одржување стабилна и предвидлива деловна клима во земјата.

Back to top button