ВЕСТИМАКЕДОНИЈАСКОПЈЕ

Темелно чистење на Камениот мост и плоштадот „Македонија“, ќе се пушти и подната фонтана

Во тек е темелна акција за чистење на Камениот мост и плоштадот „Македонија“ во центарот на градот. Како што информираат од Град Скопје, екипите на терен ги отстрануваат натписите, графитите и насобраната нечистотија со употреба на специјално средство и чистење под притисок, со цел овие простори повторно да го добијат својот уреден и достоинствен изглед.

Паралелно со овие активности, од градската управа најавуваат дека привршуваат и работите за ново архитектонско осветлување на Камениот мост. Дополнително, наскоро повторно ќе биде пуштена во употреба и подната фонтана на плоштадот, која според градските власти, со години била оставена да пропаѓа.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека овие симболи се лицето на градот и заслужуваат постојана грижа, бидејќи токму оттука туристите ја понесуваат првата слика за македонската метропола.

„Тука се среќаваат генерации, се пречекуваат гости и се создаваат спомени што остануваат за цел живот. Скопје заслужува да биде чисто, уредено и гордо на своите обележја. А сите ние имаме обврска да го чуваме она што ни припаѓа заеднички“, порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека светлината и водата од мостот и фонтаната повторно ќе внесат живот и убавина во срцето на градот.

Back to top button