БАЛКАНВЕСТИИМПУЛС
Во тренд

Тепачка во албанскиот парламент среде масовните протести за оставка на Рама (ВИДЕО)

Инцидент и турканица во албанскиот парламент. Опозицијата ја блокираше говорницата и ја прекина седницата среде масовните протести за оставка на Еди Рама.

Длабоката политичка криза и граѓанските немири што ја зафатија Албанија се прелеаја и во законодавниот дом. Денешната седница на албанскиот парламент започна со хаос, блокирање на говорницата и физички инциденти меѓу пратениците од опозицијата и владејачкото мнозинство, пренесуваат албанските и странските медиуми.

Според извештаите на албанските новински агенции, тензиите ескалирале веднаш откако претседателот на парламентот, Нико Пелеши, го прочитал дневниот ред. Пратениците од опозициската Демократска партија (ПД) ја блокирале собраниската говорница во знак на револт.

Ситуацијата кулминирала кога опозицискиот пратеник Фљамур Нока влегол во директна конфронтација со членот на владејачката Социјалистичка партија, Таулант Баља. Додека Баља се обидувал да зборува, Нока го турнал, му го одзел микрофонот и, според извештаите, фрлал со хартии кон него. Останатите пратеници од опозицијата го прекинале говорот на Баља, по што настанала општа турканица и жестока вербална расправија во салата.

Поради целосниот хаос и неможноста да се обезбедат услови за нормална работа, спикерот Нико Пелеши бил принуден да ја прекине седницата на пет минути во обид да се смират страстите.

Овој парламентарен инцидент доаѓа во време додека веќе десетина дена по ред на улиците во Тирана се одржуваат масовни протести предводени од студенти и опозициски поддржувачи. Демонстрантите, кои во изминатите денови се судрија со полицијата, ја обвинуваат владата за корупција и бараат итна оставка од премиерот Еди Рама. Рама, од своја страна, ги осуди насилните протести и категорично одбива да се повлече од функцијата.

Back to top button