ВЕСТИИМПУЛСМАГАЗИН
Во тренд

Деветнаесет години без Тоше Проески: Гласот што не замолкна

На денешен ден, 16 октомври, се навршуваат 19 години од загинувањето на Тоше Проески, македонскиот пејач кој со својата музика, хуманитарна работа и настапи остави длабока трага во Македонија и пошироко на Балканот. Имаше само 26 години кога загина во сообраќајна несреќа во Хрватска, но неговите песни и денес се дел од животот на многу генерации.

На 16 октомври 2007 година, Проески го загуби животот во несреќа на автопатот кај Нова Градишка, на пат кон Загреб. Веста за неговата смрт предизвика голема тага, а граѓаните во Македонија и во други земји од регионот се собираа за да му оддадат почит на пејачот чија популарност одамна ги надминуваше државните граници.

Од Крушево до музичките сцени во регионот

Роден во Крушево, Тоше Проески уште од младоста го насочи својот живот кон музиката. Се образуваше во музичкото училиште во Битола, а потоа и на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Со својот вокал, сценско присуство и песни на македонски и на други јазици, изгради кариера што го направи препознатлив и надвор од Македонија.

Покрај музиката, Проески беше познат и по хуманитарните активности. На 5 октомври 2007 година, само единаесет дена пред несреќата, одржа голем хуманитарен концерт на Градскиот стадион во Скопје, посветен на ревитализацијата на македонското образование, на кој присуствуваа повеќе од 20.000 луѓе.

Маратон од Нова Градишка до Крушево

И оваа година, споменот на Тоше се одбележува со традиционалниот маратон посветен на пејачот. Четиринаесет учесници тргнаа од Нова Градишка кон неговото родно Крушево, продолжувајќи ја традицијата на поврзување на местото каде што загина со градот во кој е роден и погребан.
Маратонците треба да истрчаат околу 200 километри низ Хрватска, додека низ Србија ќе патуваат со возила. Од македонската граница до Крушево, македонските маратонци ќе истрчаат уште околу 220 километри. Пристигнувањето во Крушево е планирано за денеска, на годишнината од неговата смрт.

Во Скопје, пак, за денеска е најавен музички настан под мотото „Тоше те сакаме сите“. Програмата ќе се одржи во Ново Лисиче, на улицата што го носи неговото име, со почеток во 16 часот. Најавени се настапи на хорот и оркестарот на ООУ „Лазо Ангеловски“, како и на повеќе познати изведувачи и млади музички таленти.

Деветнаесет години по неговата смрт, песните на Тоше Проески и понатаму се слушаат на радио, на концертите и во домовите, а неговото име останува поврзано со едни од најпознатите песни на македонската поп-музи

Back to top button