Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предлага Европа повторно да купува поголеми количества руски природен гас како дел од можниот мировен договор за завршување на војната во Украина, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.
Според весникот, специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, и неговиот зет Џаред Кушнер ја отвориле оваа можност во разговорите со украински и европски претставници, вклучително и на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев минатиот месец. Идејата била разгледувана и на разговори со украински и европски претставници во Мајами претходно овој месец.
Предлогот предвидува повторно активирање на гасоводите преку кои рускиот природен гас се испорачуваше на европските пазари. Според аргументите што ги изнеле американските претставници, обновувањето на извозот би можело да ѝ обезбеди приходи на Русија како поттик за постигнување мировен договор, да донесе транзитни приходи за Украина и да овозможи поевтина енергија за европските потрошувачи.
Сепак, европските претставници вклучени во разговорите реагирале негативно на идејата. Нејзиното спроведување би значело пресврт во повеќегодишната политика на Европската Унија за намалување на зависноста од руските енергенси, политика што претходно ја поддржуваше и Вашингтон.
По руската инвазија врз Украина во 2022 година, ЕУ постепено ги намалуваше испораките на руски енергенси и бараше алтернативни добавувачи. Според податоците наведени во извештаите за европскиот пазар на гас, рускиот гас учествувал со околу 13 проценти во увозот на гас во ЕУ во 2025 година, наспроти 45 проценти во 2021 година.
Белата куќа соопшти дека САД со Украина и европските партнери работат на сеопфатен мировен предлог што предвидува економски поттици и за Русија и за Украина. Засега нема потврда дека предлогот за обновување на испораките на руски гас е прифатен од европските влади или дека е вклучен во договорен мировен план.


