
Љубителите на рок-музиката вечерва (7 ноември) ќе имаат можност да уживаат во второто издание на „Трибјут Фест“, кое ќе се одржи во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, со почеток во 20 часот.
Организаторите најавуваат вечер исполнета со силна енергија, гласни гитарски рифови и безвременски хитови од три светски познати бендови кои оставија неизбришлива трага во музичката историја.
На фестивалската програма се „Side Quest“, кои ќе ги изведат песните на панк-рок великаните Green Day, познати по брзите ритми и текстови кои ги отсликуваат младоста и бунтот. По нив, на сцената ќе настапат „Off They Go“, кои ќе му оддадат почит на Linkin Park, потсетувајќи ја публиката на нивниот препознатлив спој од алтернативен рок, метал и електронски елементи кој одбележа цела една генерација.
Вечерта ќе ја заокружи составот „Nirvana Real Tribute Band (Son of a Gun)“, кои ќе ги свират култните хитови на Nirvana, еден од најзначајните бендови на гранџ-движењето чија музика продолжува да привлекува нови обожаватели.
Второто издание на фестивалот ги обединува љубителите на различни рок-правци, нудејќи им можност повторно да ја почувствуваат атмосферата на музичките движења што ја обликуваа сцената во изминатите децении. Билетите за вечерашниот концерт се достапни преку продажната мрежа на tix.mk.
