ВЕСТИСЦЕНАТРЕНД

Светската ѕвезда Бурак Јетер и македонски диџеи на второто издание на фестивалот „Скопје се лади“

Второто издание на електронскиот музички фестивал „Скопје се лади“ ќе се одржи на 5 септември на Стадионот на АРМ, а организаторите најавуваат над петчасовен музички спектакл со спектакуларна светлосна и сценска продукција. Како што информираат од тимот на настанот, фестивалот ќе го отворат познати имиња од домашната сцена, кои ќе ја загреваат атмосферата пред настапот на главната ѕвезда на вечерта.

Специјален гостин на годинешното издание е светски познатиот турски диџеј и продуцент Бурак Јетер (Burak Yeter), кој важи за едно од највлијателните имиња на глобалната електронска денс сцена. Тој е автор на мегахитовите „Tuesday“ и „My Life Is Going On“, која е главната музичка тема од популарната серија „Money Heist“. Организаторите потсетуваат дека неговите концерти се познати по неверојатната енергија, како и по фактот што тој е првиот диџеј кој одржал настап во стратосферата, потврдувајќи ја својата иновативност.

Покрај турскиот хитмејкер, ритамот на фестивалот ќе го одржуваат и македонските артисти. Пред скопската публика ќе настапат „Boogieman“ со својот препознатлив енергичен звук, Анастас, кој е еден од водечките диџеи на домашната сцена, меѓународно признатата диџејка и продуцентка „Marga Sol“ која зад себе има забележано настапи на Ибица, Санторини и Миконос, како и „DJ Aya“.

Од тимот на „Скопје се лади“ истакнуваат дека амбицијата на настанот е да прерасне во еден од најважните музички брендови во регионот, позиционирајќи го главниот град како атрактивна дестинација за големи концерти и меѓународни изведувачи. Билетите за настанот се веќе пуштени во слободна продажба.

Back to top button