
Приказната за голманот на фудбалската репрезентација на Парагвај, Орландо Гил, кој стана национален херој по епската победа над Германија во шеснаесетфиналето на Светското првенство 2026 година, продолжува да го обиколува и расплакува светот со нови, потресни детали. Херојот кој со своите две одбрани во пенал-рулетот ја елиминираше моќната Германија, пред да застане на светската сцена морал да ја помине најтешката животна драма и да продаде буквално сè што поседува за да го спаси својот предвреме роден син.
По елиминацијата на Парагвај од Франција во следната фаза, сопругата на Гил, Мелиса Авалос, објави емотивна фотографија на социјалните мрежи на која позира со него и нивниот син токму на стадионот во Фоксборо, Масачусетс. Гил на сликата е со мундијалските акредитации околу вратот и опрема со логото на Парагвај („La Albirroja“).
„Ние тројцата — Орландо, Лаути и јас — секогаш ќе бидеме заедно, обединети и полни со љубов“, напиша таа под семејната фотографија.
Трагедиите доаѓале една по друга: Продажба на најдрагиот спомен
Драмата на семејството започнала во декември 2022 година кога нивниот син Лаути бил роден предвреме со итен царски рез и му било потребно прескапо лекување на интензивна нега. Сопругата откри дека Орландо тогаш ја продал целата своја клупска опрема, па дури и патиките за да ги покрие трошоците.
Сега, неговиот стар пријател Педро Суарез, во изјава за „CNN“ открива низ каков пекол поминал голманот во тој период и како кај него завршил најскапоцениот дрес на Гил — флуоресцентно жолтиот дрес од 2019 година кога како тинејџер првпат дебитирал за младинската репрезентација на Јужноамериканскиот шампионат во Чиле.
„Тој се соочуваше со проблемот со предвреме родениот син. Веднаш потоа следеше смртта на неговата сакана мајка. Потоа почина и неговиот чичко. Сè му се случи едно по друго, одеднаш“, вели Суарез.
Суарез објаснува дека на Гил тогаш му било непријатно да побара пари на заем без да понуди нешто за возврат, па затоа му го предал својот најдраг дрес во замена за кеш.
„Сè уште ми ги нема вратено парите“, вели Суарез низ смеа за „CNN“. „Но, тоа е во минатото. Ќе му го вратам дресот штом ќе се видиме во Парагвај. Тој ми беше пријател и му помогнав како што можев“.
Од празна социјална сопка до милион на Инстаграм: „Успеав!“
Гил во меѓувреме направи трансфер и настапува во Аргентина, а неговата популарност по мундијалскиот бран руши рекорди. Неговиот Инстаграм профил веќе брои речиси еден милион следбеници.
Она што најмногу ја фасцинираше јавноста е еден негов стар пост од јуни 2018 година, напишан многу пред Светското првенство и пред воопшто да заигра за младинскиот национален тим. Тогаш, како анонимен млад фудбалер, Гил напишал пророчки зборови:
„Еден ден ќе кажам: беше тешко, но успеав.“
Денес, по сите животни трагедии, поминатиот пекол и мундијалската слава, илјадници коментари под таа стара објава одекнуваат со само една порака од фановите: „Успеа, мајсторе!“.
