
Ултрафините честички што ги испуштаат крузерите можат да предизвикаат посилен воспалителен одговор во белите дробови и истовремено да ја ослабнат природната одбрана од вируси, покажува истражување на Универзитетот во Саутемптон, објавено во научното списание „Environment International“. Новите наоди ги анализира и „Гардијан“.
Ултрафините честички се честички помали од 0,1 микрометар, кои поради својата големина можат да навлезат длабоко во белите дробови, а дел од нив и во крвотокот.
Тим од 32 истражувачи собирал честички на пет локации во и околу пристаништето Саутемптон – кај терминал за крузери, контејнерски терминал, зона со тежок товарен сообраќај и на контролна локација оддалечена околу пет километри.
Најмногу внимание привлекле ултрафините честички помали од 100 нанометри кај терминалот за крузери. Тие содржеле значително повисоки концентрации на ванадиум и никел, карактеристични за согорувањето тешки бродски горива, како и кобалт.
Кога научниците ги изложиле лабораториските модели на клетки од дишните патишта на овие честички, тие предизвикале најсилна воспалителна реакција меѓу испитуваните примероци. Истовремено била намалена активноста на гените вклучени во природната антивирусна одбрана.
Дополнителните тестови покажале дека ванадиумот може да биде еден од клучните фактори. Изложувањето на овој метал ја намалило интерферонската сигнализација и им овозможило полесно размножување на риновирусот, причинител на настинката, и на SARS-CoV-2.
„Идентификувавме јасен потпис на загадување на воздухот од крузерите кои согоруваат гориво во пристаништата“, изјави професорот Метју Локсам од Универзитетот во Саутемптон.
Водечката авторка Нат Истон објаснува дека концентрациите се зголемувале кога ветерот доаѓал од правецот на крузерите и кога во пристаништето имало повеќе бродови.
Истражувачите предупредуваат и на регулаторен проблем: ултрафините честички во голема мера не се мониторираат и регулираат, иако поради малата големина можат да навлезат длабоко во белите дробови, а потенцијално и во крвотокот.
Тие предлагаат поголема употреба на електрична енергија од копно додека бродовите се во пристаниште, почисти горива и систематско мерење на ултрафините честички во пристанишните градови.
