ВЕСТИПОЛИТИКА

ВЛЕН: Кој обвинител му нудел спогодба на Груби

По вчерашното одржување на првото судско рочиште против Артан Груби, се отвораат сериозни прашања за тоа што се случува зад затворени врати и дали постојат обиди овој процес да се затвори преку договор со Обвинителството, реагираат преку писмено соопштение од владејачката ВЛЕН.

Од таму тврдат дека наводно Груби бил убедуван да склучи спогодба, односно да прифати вина за да добие далеку полесна санкција, со што би ставил крај на сите негови амбиции за предводење на ДУИ. Продолжувањето на мерката куќен притвор, велат од партијата, претставува дополнителен притисок за да се постигне ваков договор пред официјалниот почеток на судењето.

„Според нашите извори, Али Ахмети проценил дека судењето е многу ризично, бидејќи темпераментот на Груби е таков што тој може преку медиумите да го разјадува рејтингот на ДУИ“, нагласуваат од ВЛЕН, додавајќи дека Груби веќе имал договорени интервјуа бидејќи бил уверуван дека против него нема да има обвинение, по што непријатно се изненадил.

Во реакцијата се посочува како интересен факт тоа што адвокатите на повеќето обвинети во овој случај се познати правосудни „играчи“ од времето на Груевски и Мијалков. Според владејачката коалиција, ова е сериозен сигнал дека во ДУИ е „спуштен гардот“ и дека се игра со сите расположливи оружја.

Истовремено, од ВЛЕН ја отвораат дилемата зошто не се обезбедува присуството на првиот соработник на Груби, Перпарим Бајрами. Тие прашуваат дали преку ова и преквалификацијата на делото, всушност му се испраќа порака на Али Ахмети дека за сите „матни игри“ следува контраудар. Во соопштението се споменува и поранешниот министер Бујар Османи, за кого велат дека не е среќен бидејќи одредени меѓународни адреси ја „прочитале неговата игра“ зад брифинзите.

„Јасно е дека за мафијашкото политбиро во ДУИ допрва доаѓаат тешки денови“, се заклучува во партиското соопштение.

Back to top button