Студентски дела и иновации во дигиталната уметност: УМПАКИ успешно го заокружи проектот „Future Storytelling“

Спој на визуелните уметности, креативното раскажување и најновите дигитални технологии е резултатот од проектот „Future Storytelling“, кој Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии (УМПАКИ) го финализираше синоќа со изложба на студентски дела во Кинотеката на Македонија, информираат од организацијата.
Од УМПАКИ истакнуваат дека оваа хибридна програма вовела нов модел на обука, овозможувајќи им на младите креативци од областа на филмската и дигиталната продукција да се стекнат со практични знаења и напредни вештини преку директна соработка со британски и домашни експерти.
Од студиска посета во Манчестер до 72-часовен креативен предизвик во Скопје
УМПАКИ посочуваат дека проектот се одвивал во неколку фази, почнувајќи со студиска посета на петчлена македонска делегација на реномираната Школа за дигитални уметности (SODA) во Манчестер. Круната на обуката, како што наведуваат, била третата фаза, каде што триесетина студенти од четири домашни универзитети – профилирани во анимација, дизајн на звук, продукција, графички дизајн, фотографија, монтажа и програмирање – работеле на 72-часовен креативен предизвик.
Под менторство на стручни лица, вклучително и експерти од Манчестер кои одржале тридневен тренинг, студентите добиле можност практично да ги користат најновите технологии кои ја обликуваат иднината на аудиовизуелната индустрија.
„Целта на програмата не беше да ги обучи учесниците само да користат одреден софтвер, туку да им овозможи да го совладаат професионалниот речник, да развијат способности за донесување креативни одлуки и да разберат какви можности нудат современите технологии“, појаснуваат од УМПАКИ во дописот до медиумите.
Завршниот презентациски настан, конципиран како „Immersive Exhibition“, се одржал во склоп на програмата на седмото издание на фестивалот за европски авторски анимиран филм „Флипбук филм фестивал“, каде на учесниците им биле врачени и сертификати.
Од Унијата дополнуваат дека проектот „Future Storytelling“ е спроведен во соработка со „Curated Place“ од Обединетото Кралство, а финансиран од Британскиот совет преку Фондот за развој на креативни вештини на Западен Балкан (WB–UK Creative Skills Development Fund), чија цел е зајакнување на културните и креативните индустрии.
