БАЛКАНВЕСТИПОЛИТИКА

Македонија и Бугарија постигнаа согласност за динамиката за изградба на железничкиот тунел на Коридор 8

Работната група на Македонија и Бугарија постигна согласност за активностите за изградба на прекуграничниот железнички тунел на Коридор 8, информираат од Министерството за транспорт.

Како што се наведува во соопштението, во Софија се одржа првиот состанок на работната група посветен на подготовката и реализацијата на изградбата на овој заеднички проект. Со состанокот копретседаваа заменичките-министри за транспорт на двете земји, Калтрина Зеколи Шаќири од македонска и Цвета Тимева од бугарска страна.

На средбата е постигната согласност за воспоставување јасна динамика на активностите, дефинирање на конкретни обврски на надлежните институции од двете земји, како и за продолжување на заедничките технички подготовки за изградбата на овој инфраструктурен зафат.

Стратешки проект за регионално поврзување

Утврдени се и следните чекори во насока на обезбедување финансиска поддршка и техничка координација, при што двете страни ја истакнале важноста на Коридорот 8 како еден од најзначајните европски транспортни коридори и поддршката од Европската комисија.

„Изградбата на прекуграничниот железнички тунел претставува стратешки проект од регионално значење, проект што железнички ќе ги поврзе двете земји и ќе придонесе за побрз и поефикасен транспорт на стока и патници и можност за зголемување на економска соработка меѓу двете држави“, истакна заменик-министерката Зеколи Шаќири.

Од Министерството за транспорт додаваат дека следниот состанок на заедничката работна група е договорено да се одржи во Скопје, каде што ќе биде направен преглед на реализацијата на активностите и ќе се утврдат наредните чекори за проектот.

Back to top button