
Во најновата епизода на емисијата „Што го врти светот?“, соосновачот и извршен директор на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ), Виктор Митевски, зборува за науката како главен двигател за нови работни места, развој на стартапи и креирање практични решенија кои од Македонија можат да стигнат до европскиот пазар.
Митевски, кој по четврти пат гостува во емисијата, го отвора прашањето како една мала земја може да стане конкурентна преку вложување во науката. Според него, наместо големината на пазарот да се гледа како слабост, Македонија може да ја користи како простор за тестирање нови решенија. Тој посочува дека локалните предизвици во земјоделството, управувањето со отпадот, климатските промени, здравството и образованието можат да станат основа за технологии применливи многу подалеку од нашите граници.
„Иновациите не започнуваат само тогаш кога има доволно финансии, туку со слобода за размислување. Идеите треба да се тестираат со факти, но креативноста не смее да се задушува уште на почетокот“, истакнува Митевски, додавајќи дека наставниците и професорите треба да ги поттикнуваат младите да истражуваат, експериментираат и да учат од сопствените грешки.
Во тој контекст, се нагласува клучната улога на универзитетите. Според Митевски, магистерските и докторските трудови не треба да завршуваат само во архивите, туку треба да прераснуваат во прототипи, стартапи и производи, со што применетата наука ќе решава локални проблеми, ќе создава квалитетни работни места и ќе отвора пристап до меѓународни пазари.
За целосно искористување на овој потенцијал, Митевски издвојува три клучни приоритети:
Паметно инвестирање во наука, кое е строго насочено кон резултати;
Поголема искористеност на европските фондови преку механизми за кофинансирање и стручна поддршка;
Создавање образовна средина во која младите ќе добијат знаење, менторство, мрежи и ресурси за слободно да создаваат.
Оваа епизода на „Што го врти светот?“ е изработена со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината е одговорност на тимот на ЗМАИ.
