
Таткото на Меган Маркл, со кого таа со години е во нарушени односи и не контактира, е уапсен во Флорида, потврдија американски полициски извори за медиумите. Томас Маркл постариот (82) е приведен под сомнение за поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца. Федералните агенти на ФБИ го уапсиле пензионираниот директор за осветлување во петокот наутро во установата за грижа на стари лица „Maravida Senior Living“ во градот Лејкленд, во близина на Тампа, каде што престојувал изминативе недели.
Апсењето следува по повеќенеделна меѓународна истрага која опфати недвижности и простории поврзани со него на Филипините и во Мексико. Случајот почна да излегува на виделина минатиот месец кога полубратот на Меган, Томас Маркл помладиот, пријави кај властите дека во куќата на неговиот татко на Филипините – каде што се преселиле на почетокот на 2025 година – пронашол кутии со „стотици, ако не и илјадници“ фотографии кои прикажуваат сексуална злоупотреба на малолетнички. Филипинската полиција и одделот за борба против трговија со луѓе веднаш започнаа форензичка истрага на неговите компјутери.
Набрзо потоа, сомнителни материјали, компјутери и видеокасети наводно биле пронајдени и во складиште кое Маркл постариот го изнајмувал во Росарито во Мексико, недалеку од границата со САД, што доведе до брза реакција на мексиканските власти и ФБИ. Томас Маркл претходно остро ги отфрлаше сите обвинувања, нарекувајќи ги „болни лаги“.
Меган Маркл, која не комуницира со својот татко уште од периодот пред нејзината венчавка со принцот Хари во 2018 година, неодамна се огласи со соопштение во кое наведе дека е „длабоко потресена и вознемирена“ од овие сознанија. Таа откри и дека британските власти уште во 2018 година ѝ обрнале внимание на писмо со вознемирувачки обвинувања на сметка на однесувањето на нејзиниот татко, поради што, како што наведе, целосно се дистанцирала од него за да го заштити своето семејство и децата.


