Автомобилската индустрија во последните години ги претвори кабините на новите возила во вистински дигитални центри, со сè поголеми екрани, дисплеи за совозачите и напредни системи за автоматизирано возење. Но ново истражување на J.D. Power покажува дека сопствениците не се секогаш воодушевени од технолошката трка. Напротив, највисоки оценки добиваат функциите што работат едноставно и речиси незабележливо во заднина.
Американското истражување 2026 U.S. Tech Experience Index (TXI) е базирано на одговорите на 68.084 сопственици на автомобили од моделската 2026 година, анкетирани по првите 90 дена од користењето на возилото. Анализирани се 40 технологии во пет категории: удобност, поврзано возило, системи за помош на возачот, електрични возила и „паметни“ функции.
Резултатите покажуваат дека возачите најмногу ги ценат технологиите што не бараат дополнително внимание.
Таков пример е „паметното“ стартување, кое може автоматски да го стартува или исклучи возилото врз основа на однесувањето на возачот. Оваа функција добила највисока оценка за задоволство, а истовремено имала само 2,4 пријавени проблеми на 100 автомобили.
Високи оценки добиле и автоматското управување со климатизацијата и системите што ги паметат личните поставки на возачот.
Според J.D. Power, токму технологијата што корисникот едвај ја забележува често се покажува како највредна, бидејќи ја олеснува секојдневната употреба без дополнително да го оптоварува возачот.
Екран за совозачот – многу технологија, малку употреба
Сосема поинакви резултати имаат екраните поставени пред совозачкото седиште, функција што станува сè почеста особено кај премиум автомобилите.
Дури 35 проценти од сопствениците на автомобили што имаат ваков екран изјавиле дека никогаш не се обиделе да го користат.
Само 6 проценти велат дека го користат при секое возење.
Дополнително, екраните за совозачите се меѓу технологиите со најголем број пријавени проблеми – 21,3 проблеми на 100 возила. J.D. Power забележува дека кај дел од автомобилите со вакви дисплеи се регистрирани и почести проблеми со целиот инфозабавен систем.
Резултатот е интересен во време кога некои производители поставуваат дисплеи речиси по целата ширина на контролната табла.
Ни повеќе автоматизација не значи поголемо задоволство
Истражувањето открива сличен парадокс и кај системите за автоматизирано возење.
Стандардните системи од ниво 2, кај кои возачот мора да ги држи рацете на воланот и да го следи патот, добиле подобри оценки за корисничко искуство од понапредните Level 2+ системи, кои во одредени ситуации овозможуваат возење без раце.
Иако понапредните системи имале малку помалку технички проблеми – 13,8 на 100 автомобили наспроти 14,3 кај основните Level 2 системи – сопствениците сепак не биле позадоволни од нив.
Тоа сугерира дека додавањето уште автоматизација не е доволно само по себе. Возачите мора да чувствуваат дека системот е предвидлив, лесен за разбирање и навистина им ја олеснува работата.
Cadillac и Hyundai најдобро оценети
Во генералното рангирање за технолошки иновации, Cadillac е најдобро оценетиот бренд и лидер меѓу премиум производителите со 641 од можни 1.000 поени. Следуваат Genesis со 559 и BMW со 524 поени.
Кај масовните брендови, Hyundai е прв седма година по ред, со 524 поени, додека GMC и Kia го делат второто место со по 470.
Истражувањето на J.D. Power испраќа прилично јасна порака до автомобилските производители: повеќе технологија не значи автоматски и подобар автомобил.
Во време кога кабините добиваат сè повеќе екрани, менија и автоматизирани функции, сопствениците најмногу ја ценат технологијата што решава конкретен проблем, работи сигурно и не бара од нив дополнително внимание.
