ВЕСТИИМПУЛССВЕТ

Директор спаси 900 ученици во Непал само 10 минути пред поплавата да го зафати училиштето [ВИДЕО]

Директор на средно училиште во Непал успеал навреме да евакуира околу 900 ученици, само десетина минути пред катастрофалната поплава да стигне до училиштето и да го затрупа со кал и урнатини, објави Би-Би-Си. Раџендра Давади, директор на средното училиште „Трибхуван Тришули“ во округот Нувакот, решил веднаш да ги испрати учениците кон повисоки места откако во рок од неколку минути добил четири предупредувања дека надоаѓа голем воден бран. Во катастрофата во Непал досега загинаа најмалку 794 лица.

Давади за Би-Би-Си изјавил дека повиците ги добил околу 9:10 часот по локално време, а меѓу предупредувањата имало и информација дека водата веќе го зафатила населбата Бетравати, која се наоѓа погоре по течението.

Еден од родителите лично дошол во училиштето и му кажал дека „доаѓа голема поплава“ и дека дошол да ја земе својата ќерка. Давади вели дека тоа му било дополнителен знак дека нема време за чекање.

Тој веднаш им наредил на учениците да тргнат кон повисок терен, а автобусите што веќе превезувале деца ги вратил назад и им наредил да се оддалечат од опасната зона. Според неговите зборови, дури и да немало поплава, најлошото што можело да се случи било да се изгуби еден наставен ден.

„Ако не ја донесевме одлуката толку брзо, ако задоцневме уште десет минути, ниту учениците ниту јас денес немаше да можеме да разговараме со вас“, изјавил Давади.

Ученичка: Се спасивме за десет секунди

Шеснаесетгодишната ученичка Јуниша Аматија раскажала дека непосредно пред поплавата била на настава со своите соученици. Наставниците првично не знаеле што точно се случува, а по неколку минути ги известиле децата дека мора веднаш да заминат.

Јуниша Аматија, 16.

Еден ученик се онесвестил откако ја слушнал веста, додека дел од учениците во почетокот не ја сфатиле сериозноста на опасноста и чекале свои соученици кои биле на час по математика.

Јуниша и нејзините пријатели почнале да се искачуваат по ридот зад училиштето, користејќи тесна патека за евакуација.

„Јас и моите пријатели се спасивме за само десет секунди“, изјавила таа за Би-Би-Си. Од повисокото место гледале како локалниот пазар пред нив буквално исчезнува под водата.

Ученичката раскажала дека тешко се движела и дека пријателите ѝ помагале да се искачи. Луѓето се туркале во обид да стигнат до безбедно место, а според неа, оние што избрале друг правец за бегство најверојатно биле однесени од водата.

Учениците и наставниците прво се искачиле неколку стотици метри кон повисоко место, а потоа продолжиле кон соседно село. Поради уништените патишта и прекинатиот транспорт, многумина останале отсечени две ноќи пред да пристигне помош.

Родителите со часови не знаеле дали децата се живи

Мајката на Јуниша, Сабина Кумари Шреста, повеќепати се обидувала да стапи во контакт со ќерка си и со сопругот, но безуспешно.

Нејзиниот татко, Јуварај Аматија, веднаш тргнал кон училиштето. Кога видел дека областа околу Тришули била однесена од поплавата, помислил дека неговата ќерка можеби не преживеала.

Речиси еден час безуспешно се обидувал да ја добие по телефон. Кога конечно успеал, Јуниша му одговорила од безбедно место на врвот на ридот.

„Татко ми плачеше, а јас не можев ништо да кажам“, раскажала ученичката.

Таа се вратила кај семејството три дена подоцна. Сега, вели, една од нејзините најголеми грижи е што ќе се случи со образованието, бидејќи училиштето е уништено и евентуално ќе мора да се префрли на друго место.

Училиштето затрупано со кал и урнатини

Поплавата целосно го погодила комплексот на училиштето. Според Давади, силата на водата била толку голема што интернатска зграда, лоцирана на околу 100 метри од реката, била проголтана за кратко време.

Катастрофалните поплави во Непал досега однесоа најмалку 794 животи, а повеќе од 2.400 луѓе сè уште се водат како исчезнати.

Давади смета дека поефикасен систем за рано предупредување, со сирени и јасни насоки за евакуација, би можел да им даде повеќе време на жителите да реагираат.

Сепак, во неговото училиште токму брзата проценка и одлуката да не се чека официјална потврда направиле клучна разлика.

Како што рече самиот директор, доколку чекал уште малку, од училиштето можеби „немало да остане ништо“.

 

Back to top button