
Со емотивни пораки и спомени од студентските денови, колегите од класата по режија на Факултетот за драмски уметности (генерација 1994-1998) упатија последен поздрав до прерано починатиот режисер, драматург и актер Кирил Петрески. Простувањето од автентичниот и длабок уметник беше споделено преку заедничка објава на социјалните мрежи од страна на неговите колеги Наташа Поплавска, Зоја Бузалковска, Благојче Божиновски, Дритро Касапи и Синиша Евтимов.
Во посветата се истакнува дека Петрески бил творец кој постојано ја барал филозофската смисла во театарот и истражувал во естетиката, внесувајќи длабока мисла во своите дела. Неговите колеги го опишуваат како сестран уметник кој поседувал и исклучителен актерски талент, но пред сè, како лојален пријател кој несебично го пренесувал своето знаење на помладите генерации идни режисери и актери.
Наташа Поплавска се присети на нивната интензивна соработка во 2022 година на претставата „Дупло дно“ во прилепскиот театар, каде тој ѝ бил главно огледало во креативниот процес, секојдневно разговарајќи за драматуршките промени и филозофската мисла. Зоја Бузалковска го опиша како тивок, дискретен и ненаметлив, но бескрајно духовит човек, потсетувајќи се на неговите брилијантни актерски изведби во студентските вежби и уникатниот режисерски пристап. Таа откри дека Петрески до последните денови бил тивка поддршка за создавање квалитетен кадар, подготвувајќи млади таленти за приемните испити на ФДУ.
Љубовта кон музиката и филмот, како и создавањето во сопствен креативен мир и тишина без суета, ги потенцираше Благојче Божиновски, сеќавајќи се на нивните непреспани ноќи во дебати. Дритро Касапи го истакна како скромен и мудар човек чиј суптилен хумор секогаш давал надеж, додека Синиша Евтимов сподели дека нивните ретки, но драгоцени средби секогаш биле исполнети со искрено почитување, каде муабетот продолжувал точно таму каде што застанал претходниот пат.
Режисерот и драматург Кирил М. Петрески, почина на 55-годишна возраст (1971–2026). Тажната вест ја соопштија од НУЦК „Марко Цепенков“ – Театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, каде Петрески работеше како драматург и режисер од 2013 година, оставајќи значајна трага и препознатлив печат во развојот на македонскиот театар.
Кирил Петрески дипломирал на Катедрата за театарска режија при Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на професорот Слободан Унковски. Неговата дипломска работа била претставата „Фарса за храбриот Науме“ од Русомир Богдановски, со што го најавил својот богат и плоден креативен пат.
Ј. Ѓ.
