ВЕСТИПОЛИТИКА

ВЛЕН: Реконструкцијата носи нова фаза на владеење, со 6 министерства влегуваме со уште посилен мандат

По изгласувањето на реконструкцијата на владиниот кабинет во Собранието, коалицијата ВЛЕН преку официјално соопштение порача дека процесот на општествени и институционални промени во државата продолжува со засилено темпо. Како што наведуваат од коалицијата, со овие измени тие влегуваат во нова фаза на владеење со зголемена одговорност и со кадри кои со својот личен и професионален профил ги олицетворуваат знаењето, професионалноста и интегритетот, се наведува во партиското соопштение на ВЛЕН.

Во рамките на кадровските освежувања, од ВЛЕН ги потврдија новите именувања во извршната власт со кои тие ќе раководат во претстојниот период. Професорот Јетон Шасивари е нов министер за правда, со ресорот за односи меѓу заедниците ќе раководи Агон Ферати, додека Седат Сулејмани е избран да го предводи Министерството за култура и туризам.

Од ВЛЕН потенцираат дека по завршувањето на собраниското гласање нивната политичка позиција во владината коалиција е дополнително зајакната.

„Од оваа реконструкција, ВЛЕН излегува уште посилен политички, со вкупно 6 министерства, каде што силно продолжуваме и со нашите досегашни кадри во ресорите економија, животна средина и евроинтеграции. Нашата мисија е да изградиме посилни институции и чесно да им служиме на граѓаните. Ова не е само промена на имиња, туку јасна порака дека институциите треба да им служат на граѓаните, а не на партиските интереси. Ова е крај на логиката на привилегиите и почеток на пристап што се мери со работа, резултати и одговорност“, соопштуваат од ВЛЕН.

Оттаму додаваат дека со новата енергија и подготвените кадри, коалицијата останува главен гарант на реформските процеси кои ја движат државата напред. Од ВЛЕН најавуваат дека работата на нивните министри во иднина ќе биде подложна на строги внатрешни евалуации и ќе се оценува исклучиво според реализираните проекти, со цел да се заштити јавниот интерес и да се докаже дека политиката може да се води со достоинство и јасна визија.

Back to top button