
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ упати жестоки критики до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека заедно со поранешниот премиер Зоран Заев ја распродавале државата за личен профит, златни визи, луксузни недвижнини во Дубаи и јахти во Грција. Реакцијата доаѓа по прес-конференцијата на Филипче, чии изјави од ВМРО-ДПМНЕ ги оценија како „лажни патриотски флоскули“ кои немаат тежина бидејќи доаѓаат од луѓе кои тргувале со националните интереси, идентитетот и историјата.
Според соопштението на партијата, раководството на СДСМ откако ја осиромашило државата, сега отворено се противи на напорите на новата Влада за економски развој. Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека опозицијата намерно кочи гранки кои носат стабилен раст, како што е рударството, но и изградбата на високотехнолошки дата-центри, иако, според нивните тврдења, одредени сопартијци на Филипче веќе тајно влегуваат во бизнисот со дата-центри.
„Венко Филипче, под менторство на Заев, единствено прифаќа марихуана-економија за струмичкиот клан, како и бизниси и тендери од кои лично тој би профитирал преку дебели провизии“, се вели во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека Владата останува посветена на развојот на Македонија, додека на СДСМ им порачаа дека народот одамна ги прочитал. „Јасно и гласно до СДС и Филипче – вие сте во длабока опозиција. На следните избори, кога и да се случат, народот ќе ве испрати во темните страници на историјата“, заклучуваат од владејачката партија.
