ВМРО-ДПМНЕ: Кредит од 5 милиони евра на сватот на Ахмети го открива интересот на ДУИ и СДСМ за Алта банка
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, изјави дека компанијата на сватот на Али Ахмети зела кредит од Алта банка од Белград, што според нив ја објаснува вклученоста на претходната власт во носењето на оваа банка во Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ излезе со нови тврдења во врска со случајот „Алта банка“, директно поврзувајќи го влезот на оваа финансиска институција во Македонија со интересите на поранешната власт, конкретно ДУИ и СДСМ. На денешната прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, изјави дека компанија на сватот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, добила кредит од 5 милиони евра токму од Алта банка Белград.
Според Манасиевски, овој податок јасно покажува зошто поранешниот министер за финансии од редовите на ДУИ, Фатмир Бесими, ја покренал темата за Алта банка на владината седница одржана на 24 октомври 2023 година. Тој појасни дека фирмата „АС Сењак“, која е во сопственост на сватот на Ахмети и која го добила споменатиот кредит, ѝ е позната на македонската јавност како партнерска фирма на Дрин Ахмети во преземањето на деловниот центар Соравија.
„Сега е јасно зошто токму Фатмир Бесими ја отворил темата за Алта банка. Во целиот овој процес СДСМ делува како спотер,“ истакна Манасиевски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ упати и директни прашања до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и до партијата. Тој ги праша дали во периодот кога се дискутирало за Алта банка на владина седница, ја сметале за сомнителна и зошто молчеле за соработката на ДУИ со Давор Мацура и Алта банка.
„Нам ни е јасно, само за ден повеќе власт, СДСМ се спремни на сè! Сега е јасно на јавноста зошто СДСМ и Филипче беа толку гласни за Алта банка. Се потврди дека одработуваат за свои интереси,“ заклучи Манасиевски на прес-конференцијата.










