ВЕСТИПОЛИТИКА

ВМРО-ДПМНЕ: Лазов стана функционер само затоа што е внук на Русковска, па коментира паушално за ФФМ

Претседавачот со Централниот одбор на СДСМ, Герасим Лазов, е човек кој добил партиска функција само затоа што е нечие внуче и токму затоа нема кредибилитет паушално да зборува и да критикува за состојбите во фудбалот, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по денешната прес-конференција на опозициската партија.

Реакцијата на владејачката партија следува откако Лазов претходно денеска изнесе низа тешки обвинувања на сметка на Фудбалската федерација на Македонија, тврдејќи дека куќата на фудбалот е претворена во партиски штаб на власта и полигон за семејни бизниси. Од опозициската СДСМ тогаш прашаа дали се делегираат партиски подобни судии за натпреварите на ФК Вардар, дали има тарифи за настап во репрезентативните селекции и отворија прашања за скандалот во Швајцарија, каде фудбалерот Малевски седеше на резервната клупа без воопшто да биде запишан во официјалниот протокол.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак посочуваат дека Лазов е внук на поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска, опишувајќи го како личност досега препознатлива само по испраќање пораки за тоа колку ништо не чини во државата.

Според владејачката партија, Лазов сега се јавува да ги напаѓа случувањата во Федерацијата, а истовремено одбива да погледне што се случува во сопствените редови – како во СДСМ луѓето стигнуваат до функции, кој со кого е поврзан и како се делат позиции и пари. На внукот на поранешната обвинителка му порачуваат пред повторно да се појави во јавноста, прво да погледне каде се наоѓа и каква е партијата СДСМ предводена од Венко Филипче и Зоран Заев.

Back to top button