ВЕСТИПОЛИТИКАСКОПЈЕ

ВМРО-ДПМНЕ обвинува за бетонизација и нехигиена во Центар, СДСМ им порачува дека изборите се далеку

Продолжуваат политичките препукувања помеѓу општинските организации на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Центар. Во фокусот на дискусијата се најдоа хигиената, урбанизмот и довербата на граѓаните, при што двете партии излегоа со директни меѓусебни обвинувања за неспособност и политички манипулации.

​Сергеј Попов од ВМРО-ДПМНЕ го обвини градоначалникот Горан Герасимовски и локалната власт дека немаат капацитет да се справат со појавата на глодари во најурбаната општина, посочувајќи дека дератизацијата е исклучиво општинска законска надлежност. Попов упати остри критики до Герасимовски за издавање на над 300 дозволи за градба, нарекувајќи го тоа бетонизација, како и за поскапиот паркинг кој го оцени како легализиран рекет. Според него, СДСМ се служи со лични напади како резултат на страв и фрустрации поради неизбежното губење на поддршката во Центар.

​На овие прозивки возвратија од ОО СДСМ Центар, порачувајќи му на Попов да не брза бидејќи до следните локални избори има уште три години. Од партијата нагласуваат дека граѓаните веќе ја дале довербата на Герасимовски кој ќе продолжи да ги реализира ветувањата. СДСМ го обвини претставникот на ВМРО-ДПМНЕ дека користи „стар груевистички рецепт“ со многу врева, притисоци и однапред прогласени победи. Од владејачката партија во општината му порачаа на Попов, наместо да води предвремена кампања, времето да го искористи за да ги научи надлежностите на институциите со кои раководат неговите сопартијци.

Back to top button