
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение го честиташе државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, порачувајќи дека овој датум претставува потсетник дека државата е наследство од предците, одговорност на сегашноста и аманет за идните поколенија.
Од партијата потсетуваат на историскиот датум од 1893 година кога се родила Македонската револуционерна организација, истакнувајќи дека таа низ годините претставувала сопатник и главен организатор на борбата, обединувајќи ги стремежите на народот за слобода, автономија и национално достоинство. Во соопштението се додава дека македонските револуционери ги поставиле темелите за правото на народот сам да ја гради својата иднина рамо до рамо со европските народи.
Според соопштението, денешната слобода и македонска државност носат обврска да се гради општество со чесност, труд и одговорност, во кое младите ќе имаат причина да останат, да учат и да ја остваруваат својата иднина во сопствената татковина.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека единството не значи сите да размислуваат исто, туку дека љубовта кон татковината, почитта кон историјата и грижата за идните поколенија се вредностите кои го обединуваат народот, повикувајќи на чување на наследството за кое се бореле претходните генерации.
