АРТВЕСТИ

Во Битола свечено отворено 47. издание на фестивалот „Браќа Манаки“: Врачени наградите на Лаустсен, Кроненвет и Арсовски

Со проекција на македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, синоќа на големата сцена во Центарот за култура во Битола свечено беше отворен 47-от Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Отворањето помина во знакот на врачувањето на највисоките фестивалски признанија, во присуство на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, градоначалникот на Битола Тони Коњановски, претставници на Владата и бројни филмски работници.

​Наградата „Златна камера 300“ за животно дело му беше врачена на визуелниот гениј и двократен номиран за Оскар, Дан Лаустсен, од страна на претседателката Сиљановска Давкова, која официјално го прогласи фестивалот за отворен.

Специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност отиде во рацете на директорот на фотографија Џеф Кроненвет, додека актерот Петре Арсовски ја доби наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ од Друштвото на филмските работници за своето петдецениско присуство пред камерата.

​Посакувајќи им добредојде на гостите, градоначалникот Коњановски потсети дека браќата Јанаки и Милтон Манаки пред 121 година го вперија објективот кон животот и засекогаш ја впишаа Битола на европската кинематографска мапа. Директорот на фестивалот, Димитрија Доксевски, истакна дека уште од појавата на првата камера, главната желба била да се снима животот и емоцијата со цел да се зачуваат спомените.

​Годинашното издание на фестивалот се реализира под покровителство на претседателката на државата, а со поддршка од Министерството за култура, Агенцијата за филм и Општина Битола.

Back to top button