АРТВЕСТИ

Во Прилеп отворена изложбата „Линија, форма и простор“ од уметникот Филип Перески

Во Ликовната галерија од НУЦК Марко Цепенков Прилеп, во петокот беше отворена изложбата насловена „Линија, форма и простор“ од уметникот Филип Перески, составена од слики и скулптури, информираат од Центарот.

​Како што посочува историчарот на уметност, м-р Викторија Димеска, преку поставката уметникот ликовно ги истражува бескрајните можности и начини со коишто инвентивно ги реконтекстуализира линијата врз дводимензионалната површина на сликарското платно и формата во тродимензионалниот простор.

​„Неговото сликарство се одликува со спонтани искривени линии коишто асоцираат на органски и динамични облици. Во апстрактно-асоцијативните композиции доминира активниот однос и слободната креативна игра меѓу ликовните елементи во просторот: контраст и градација на линијата и бојата. Во скулптурата, Перески ја искривува и раскршува линијата создавајќи минималистички геометриски форми со ‘полна’ маса и мрежно испреплетени ‘празни’ колоритни интервенции“, објаснува Димеска во својот осврт за делото на уметникот.

​Филип Перески е академски уметник кој работи како наставник по ликовно образование во Прилеп. Во својата кариера тој има реализирано повеќе самостојни и групни изложби, а има учествувано и на ликовни колонии.

Back to top button