ВЕСТИМАКЕДОНИЈАСКОПЈЕСПОРТ

Рекорд на Виз Ер Скопскиот маратон: В недела ќе трчаат над 15.000 натпреварувачи од 63 земји

Скопје в недела (4 октомври) ќе биде домаќин на 22. издание на „Виз Ер Скопскиот маратон“, на кое годинава ќе учествуваат рекордни 15.050 натпреварувачи од 63 држави. Покрај домашните учесници, на стартот ќе застанат и елитни тркачи од странство, а најбројни се пријавените од Србија, Германија, Велика Британија и Турција.

Натпреварувачите ќе бидат поделени во четири категории: класичен маратон (42,195 километри), полумаратон (21 километар), трка на 5 километри и штафетната трка „ЕУ фор Спорт“.

Деталите за спортскиот настан беа презентирани на денешната прес-конференција во „Europe House“. Претседателот на Сојузот на спортови на Скопје, Зоран Стојановиќ, истакна дека огромната бројка на учесници потврдува оти маратонот одамна ги надминал локалните рамки и има свое место на меѓународната спортска мапа. Спортскиот директор на маратонот, Кире Синадиновски, посочи дека ваквата масовност е голем предизвик за тимот, додека секретарот Гордана Николовска информираше дека на позициите долж патеките ќе бидат распоредени околу 500 волонтери кои ќе се грижат за регуларноста на трката.

Од институциите најавуваат логистичка и институционална поддршка за настанот. Министерот за спорт Борко Ристовски потенцираше дека ваквите манифестации се клучни за промоција на спортот кај младите и обединување на граѓаните, најавувајќи континуирана поддршка од Министерството. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, потврди дека сите јавни претпријатија и градски служби се мобилизирани за настанот да помине безбедно и непречено, апелирајќи до скопјани да излезат и да ги бодрат тркачите.

Поддршка за маратонот традиционално доаѓа и од Делегацијата на Европската Унија. Заменик-шефот на Мисијата на ЕУ во земјава, Бен Нупнау, истакна дека спортот ги поврзува луѓето без разлика на границите и потеклото, оценувајќи го маратонот како одличен пример за поврзување на домашната и европската спортска заедница.

Back to top button