ВЕСТИПОЛИТИКА

Николоски од Брисел: Економијата рапидно расте, единствена пречка за ЕУ е бугарското вето

Заменик-претседателот на Владата, Александар Николоски, од Брисел порача дека државата бележи одлични економски и реформски резултати, а единствената пречка за напредок кон Европската Унија е ветото од Бугарија. Ова го соопштија од Министерството за транспорт, пренесувајќи ги ставовите на Николоски од панел-дискусијата посветена на проширувањето на ЕУ, организирана од тинк-тенк организацијата „Пријатели на Европа“.

Според соопштението, Николоски пред присутните истакнал дека поддршката за членство во ЕУ меѓу граѓаните е голема, а земјата успешно ги спроведува реформските процеси.

„Економијата буквално бележи рапиден раст. Во вториот квартал од оваа година имаме раст на БДП од 4,3 отсто, што е трет највисок во Европа. Она што е многу важно за мојата земја е што имаме политичка, економска, но и меѓуетничка стабилност и кохезија. Целосно сме посветени и усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија — не 80, не 90, туку 100 отсто. Единствената причина зошто не напредуваме, за жал, е ова вето од Бугарија“, нагласил вицепремиерот.

Од Министерството информираат дека Николоски ја оценил посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Скопје како одличен сигнал кој покажува дека работите се менуваат.

„Се надевам дека ќе се најде механизам што Европската комисија ќе може да го искористи и да ги отвориме пристапните преговори. Отворените прашања со соседите мора да се решат на еден или друг начин, но сметам дека атмосферата ќе биде многу порелаксирана и позитивна ако ги започнеме преговорите“, истакнал тој.

На панелот во Брисел, се додава во соопштението, Николоски потенцирал и дека успехот на целиот регион лежи во заедничкиот настап, што според него веќе се препознава преку економскиот раст, развојот на туризмот и авиосообраќајот на Балканот.

Back to top button