Писателката и политичка теоретичарка Леа Ипи, професорка на Лондонската школа за економија, во интервју за „Независен“ зборува за капитализмот, национализмот, посткомунистичките општества, подемот на крајната десница, протестните движења и повеќекратниот идентитет. Во Скопје престојува како гостинка на литературниот фестивал „Букстар“, каде што ја доби наградата за книгата „Слобода“, преведена и на македонски јазик.
Ипи, која е родена во Албанија и денес живее и предава во Лондон, вели дека при враќањето во земјите од поранешна Југославија чувствува блискост поради архитектурата, заедничкото искуство на живот надвор од капиталистички систем и културните врски што и натаму постојат во регионот. Таа потсетува дека во Албанија Југославија била доживувана како многу поотворено општество, со поголема слобода на движење и повеќе можности отколку во времето на режимот на Енвер Хоџа.
Според Ипи, и по распадот на Југославија останал заеднички културен простор преку литературата, музиката и уметноста. Во интервјуто вели дека национализмот е политички проблем затоа што луѓето можат да бидат инструментализирани и убедени дека се под закана од други, иако во основа делат слично социјално и културно наследство.
„Капитализмот вкоренува нееднаква слобода“
Еден од централните ставови во интервјуто е критиката на капитализмот.
„Капитализмот вкоренува нееднаква слобода“, вели Ипи, објаснувајќи дека социјалните, политичките и економските нееднаквости значат дека слободата за едни луѓе вреди повеќе отколку слободата за други.
Таа додава дека по падот на комунизмот најсилното барање било слободата, но дека потоа се покажало дека таа не пристигнала подеднакво за сите луѓе и за сите земји.
„Не мислам дека капитализмот испорачува слобода и нејзините ветувања“, вели Ипи.
Во книгата „Слобода“, според неа, нема едноставна поделба на социјализмот како целосно лош систем и либералниот капитализам како конечна форма на слобода. Ипи вели дека сакала да избегне токму таков црно-бел поглед и да задржи критичка дистанца кон двата система.
Патернализмот кон посткомунистичките општества
Ипи е критична и кон начинот на кој дел од западниот свет гледа на животот во поранешните социјалистички држави.
Таа вели дека е деградирачки да се потценат трудот, животите и напорите на милиони луѓе само со аргументот дека живееле во угнетена држава.
„Имаш само еден живот, без оглед што го живееш во угнетено општество“, вели Ипи, додавајќи дека луѓето и во такви услови сакале да ја работат својата работа добро, да живеат со достоинство и да му се посветат на животот што го имаат.
Таквиот однос однадвор таа го нарекува „еден вид патернализам“.
Левицата ја напушти критиката на капитализмот
Зборувајќи за растот на крајната десница, Ипи оценува дека по падот на Берлинскиот ѕид партиите од левицата во голема мера се интегрирале во капиталистичкиот систем.
Според неа, социјалдемократските партии се поместиле кон центарот, комунистичките партии исчезнале, а критиката на капитализмот од левицата престанала да биде релевантна.
Ипи вели дека крајната десница денес го користи незадоволството на луѓето кои се чувствуваат оставени на маргините на системот, но наместо капитализмот, како причина за нивните проблеми ги посочува елитите, космополитизмот и други цели.
Таа како дел од таа несигурност ги наведува неможноста младите да купат дом, слабеењето на социјалната заштита и чувството дека нема промени за семејствата со генерации.
На прашањето што се случува кога крајната десница ќе дојде на власт, Ипи вели дека тогаш „не можат да испорачаат“ и предупредува дека крајно десничарскиот националистички дискурс историски може да кулминира во војна.
„Кога тие ќе станат елити стануваат многу, многу опасни“, вели Ипи.
За протестите во Албанија и Србија
Ипи зборува и за „Фламинго револуцијата“ во Албанија и студентските протести во Србија.
Според неа, ваквите движења се важни затоа што ја зголемуваат свеста и го насочуваат вниманието кон одредени прашања. Во случајот со Албанија, таа вели дека протестите покажале дека и покрај цинизмот, апатијата и политичкиот нихилизам, сè уште има луѓе што се грижат за јавното добро.
Но, таа посочува и дека ваквите движења имаат свои граници. Бидејќи често се без лидери и обединуваат различни идеолошки групи, со текот на времето можат да ослабнат ако критиката не биде дополнета со конструктивни предлози.
„Оваа работа на критика мора да биде дополнета со конструктивни предлози“, вели Ипи.
Повеќекратниот идентитет како богатство
Во интервјуто Ипи зборува и за сопствениот идентитет и за чувството на припадност.
„Добро е да се живее со чувство на повеќекратна припадност“, вели таа.
Нејзината баба е родена во Солун, дедо ѝ во Битола, а дел од семејните корени водат и кон Турција. Според Ипи, тоа покажува дека семејните и личните идентитети не се сведуваат на една држава или една национална припадност.
Таа додава дека луѓето во текот на животот минуваат низ различни идентитети и дека разбирањето на таа сложеност ги прави помалку ранливи на политичка манипулација.
„Колку повеќе ги прифаќаш различностите, толку повеќе твојата единственост е побогата“, вели Ипи.
Слободата и моралната одговорност
На прашањето како ја разбира слободата во време на популистички демагози, Ипи вели дека за неа слободата е поврзана со моралната одговорност.
Според неа, слободата има внатрешна димензија, која човекот не ја губи, и институционална димензија, која зависи од тоа каков свет и какви институции се создаваат.
„Мислам дека демагозите сакаат да ја редуцираат слободата на една димензија“, вели Ипи.
Нејзиниот став е дека слободата треба да се проширува, да остане отворена и да биде ориентирана кон иднината.
