ВЕСТИПОЛИТИКА

Кузеска: Осудениот за дрога и оружје „Симе“ наместо во затвор, слободно се шета со Мицкоски

Кузеска излезе со обвинувања дека лице уапсено за дрога и оружје не е во затвор, туку работи за ВМРО-ДПМНЕ на терен во Брвеница.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција обвини дека лицето С.З., во јавноста познато како Симе, кое претходно беше уапсено за поседување дрога и оружје, наместо да ја отслужува затворската казна се наоѓа на слобода и повторно е видено во друштво на премиерот Христијан Мицкоски.

Според СДСМ, станува збор за личност која со години го придружува Мицкоски на терен, а партијата објави и нова фотографија од Брвеница на која се гледа ова лице додека премиерот дава изјава за медиумите. Кузеска потсети дека во минатото граѓаните имале можност да видат видеа на кои истото лице пука со „калашников“ и го цитира Воислав Шешељ пред руско знаме.

„ВМРО-ДПМНЕ прво тврдеше дека станува збор за само една случајна фотографија, но потоа излегоа повеќе слики и видеа. Од тогаш владее молк кај институциите, а Мицкоски никогаш не одговори на прашањата“, изјави Кузеска. Таа додаде дека лицето било уапсено во периодот кога пет тони дрога од Македонија биле запленети во Србија, во селото Коњух кај Крушевац.

Опозициската партија изрази сомнеж дека лицето е наменски ослободено за да се заканува и да врши поткуп во Брвеница. Кузеска ја спореди ситуацијата со времето на владеењето на Никола Груевски и Сашо Мијалков, обвинувајќи ја актуелната власт за директна заштита на криминалци.

СДСМ јавно го повика Обвинителството веднаш да отвори истрага и да одговори зошто лицето С.З. не е во затвор, кој го ослободил и како е можно човек уапсен со поголема количина дрога, оружје и муниција да работи за владејачката партија наместо да сноси одговорност пред законот.

Поврзани вести

Back to top button