ВЕСТИПОЛИТИКА

Собранието ги изгласа новите одбори за државните награди и Предлог-законот за државна ревизија

Во рамките на продолжението на 122. седница, пратениците во Собранието изгласаа повеќе предлог-одлуки за кадровски именувања во државни комисии и одбори, како и Предлог-законот за државната ревизија во прво читање кој треба да ја зајакне независноста на Државниот завод за ревизија.

На седницата беа усвоени предлог-одлуките за разрешување и именување претседатели и членови на одборите за доделување на државните награди „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ и „Св. Климент Охридски“, како и именување на член во Комисијата за заштита на конкуренцијата. Овие точки предизвикаа кратка дебата откако пратеникот Сали Мурати одби да ги поддржи одлуките, забележувајќи дека во комисиите нема претставници од турската заедница, што според него не е во согласност со Уставот. На ова реагираше пратеникот Ѓоргија Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ, кој посочи дека тие самите имале можност, но не дале предлог за членови од турската заедница за време на номинациите.

Пратениците го изгласаа и Предлог-законот за државната ревизија во прво читање. Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, истакна дека овој закон е значаен чекор за унапредување на системот на јавните финансии и зголемување на транспарентноста. Тој појасни дека една од клучните новини е дополнителното зајакнување на институционалната независност на ДЗР, кој самостојно ќе одлучува кои субјекти ќе бидат предмет на ревизија. Законот предвидува и проширување на надлежностите, како и построги професионални критериуми за избор на главниот државен ревизор и неговиот заменик.

Дополнително, на седницата беа усвоени и предлог-одлуките кои го регулираат начинот на спроведување интервју, оценување и бодирање на кандидатите за членови на Советот на јавните обвинители и на Судскиот совет. Изгласан беше и предлогот за автентично толкување на член 23 став 1 точка 18 од Законот за данокот на додадена вредност.

Back to top button