
Францускиот претседател Емануел Макрон жестоко ги отфрли тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека обезбедил мир во Газа, посочувајќи дека и покрај прогласениот крај на војната, ниту еден хуманитарен коридор не е отворен. Во своето последно обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации, Макрон го нарече наводниот мир „спектакл од кој сите треба да се срамиме“, пренесува „Ројтерс“.
Говорот на францускиот лидер, кој во мај следната година заминува од функцијата, дојде само неколку часа откако Трамп од истата говорница го поздрави својот мировен план за Газа како голем дипломатски триумф.
„Каков кредибилитет имаме ако продолжиме да бидеме неактивни кога станува збор за Газа? Некои се фалат со наводен мир. Но, тој мир не отвори хуманитарен пристап ниту за секунда. Треба ли едноставно да стоиме настрана и да го гледаме овој спектакл од кој сите треба да се срамиме?“, изјави Макрон, удирајќи со тупаница на подиумот.
Критики за Израел и ситуацијата на Западниот Брег
Францускиот претседател го осуди насилството на Западниот Брег каде, според него, секојдневно се прават прекршоци. Тој нагласи дека милитантната група Хамас никогаш не оперирала на таа територија и додаде дека постапките таму ја уништуваат можноста за палестинска држава.
Иако Макрон се соочува со домашни критики дека по признавањето на Палестина минатиот септември не направил многу, Париз во меѓувреме воведе санкции за насилните израелски доселеници и започна процес за забрана на производи кои потекнуваат од населбите на окупираниот Западен Брег. Макрон предупреди дека верувањето оти кршењето на суверенитетот на соседите носи безбедност е погрешно и само ја ослабува долгорочната стабилност на Израел.
Белата куќа возвраќа на ударот
Администрацијата на Доналд Трамп експресно реагираше на обвинувањата од Париз. Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, застана во одбрана на американскиот претседател.
„Претседателот Трамп ја заврши војната помеѓу Израел и Хамас, ги ослободи сите живи заложници, ги врати телата на починатите кај нивните најблиски и сега го предводи спроведувањето на Планот од 20 точки за мир во Газа. Додека другите само зборуваат, овој претседател директно се соочи со овој комплексен проблем. Никој нема направено повеќе за мирот и стабилноста во регионот“, изјави Кели.
На крајот од својот проштален говор во ОН, Макрон силно го бранеше мултилатералниот систем предупредувајќи против глобалното враќање на „законот на џунглата“ и ја заврши својата реч со зборовите: „Да живеат Обединетите нации!“.
