Обама по изборите: Американскиот народ испрати јасна порака – сакаат политика што обединува, а не што дели
Поранешниот американски претседател ги коментираше изборните резултати, изразувајќи благодарност до изборните работници и повикувајќи на напорна работа во следните две години за да се постават темелите за иднината.

Поранешниот американски претседател Барак Обама преку официјална објава ги коментираше најновите изборни резултати во САД, оценувајќи ги како јасен сигнал од граѓаните за насоката во која сакаат да се движи земјата. Во своето обраќање, тој стави силен фокус врз потребата за заедништво и понуда на реални решенија, потенцирајќи дека Американците се уморни од поделби.
„Вечерва, американскиот народ испрати јасна порака — сакаат политика која ги обединува луѓето наместо да ги дели, и лидери кои нудат конкретни решенија за предизвиците со кои се соочуваат“, истакна Обама во својата објава.
Тој нагласи дека ваквите резултати биле можни само благодарение на извонредните кандидати кои истапиле во секој регион од земјата, вклучително и во области кои некогаш се сметале за тешки за освојување. Осврнувајќи се на нивниот профил, тој додаде:
„Тие дојдоа од различни средини и претставуваа низа политички перспективи, но беа обединети од заедничките вредности, вербата во јавната служба и посветеноста да ги стават луѓето од нивните области и држави на прво место“.
Обама не пропушти да им оддаде признание на сите оние кои биле вклучени во спроведувањето на изборниот процес.
„Ние, исто така, им должиме благодарност на илјадниците изборни службеници и волонтери од двете партии кои помогнаа да се обезбедат непречени избори и извршија една од најсуштинските функции на нашата демократија“, порача поранешниот претседател.
Гледајќи кон периодот што претстои, тој упати повик за проактивност и одговорност во преостанатиот мандат на актуелната власт.
„Додека оваа администрација има уште две години на функцијата, нашата работа сега е да ги засукаме ракавите, да направиме промени каде и да имаме моќ да го сториме тоа, да спречиме понатамошна штета и да ги поставиме темелите за иднината“, заклучи Обама.
