Апасиев обвини за бизнис-мрежа на баџанакот на Мицкоски во Македонија и Бугарија, премиерот го нарече кукавица и најави тужба
Димитар Апасиев обвини за бизнис-мрежа на баџанакот на премиерот во Македонија и Бугарија. Христијан Мицкоски го нарече кукавица и го повика тврдењата да ги повтори надвор од салата за да се видат на суд.

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, и премиерот Христијан Мицкоски влегоа во остар вербален судир на денешната собраниска седница за пратенички прашања, откако опозицискиот пратеник отвори сомнежи за можен судир на интереси и бизнис-мрежа на лица од семејното опкружување на претседателот на Владата, на што Мицкоски одговори со обвинувања за клевета и повик за судска разврска.
Во фокусот на визуелната презентација на Апасиев се најде Јорданчо Јанев – Дано, баџанак на премиерот Мицкоски, за кого пратеникот тврди дека е поврзан со најмалку шест компании – четири во Македонија и две во Бугарија. Меѓу фирмите ги наведе „Дано Транс“, „Интерпласт Груп“, „Шалом Фуд Груп“, како и новооснованите „Шалом Деливери“ и „Д-Дигитал Конто“, додавајќи дека дел од нив се отворени по промената на власта во 2024 година, во деловна релација со неговиот братучед Дончо Карастоев, за кого презентираше дополнителна мрежа од девет компании. Апасиев посочи дека две од компаниите се регистрирани на иста адреса во бугарскиот град Петрич, барајќи да се испита потеклото и движењето на капиталот, а го проблематизираше и тоа што првиот тендер на новиот градоначалник на Струмица, Петар Јанков, за организирање празничен ручек за 250 гости по повод празникот на Светите петнаесет тивериополски маченици, завршил токму кај фирма поврзана со Јанев, во општина која има јавен долг од 16 милиони евра.
Дополнително, лидерот на Левица отвори прашања и за партиските донации кон ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека според јавно достапните податоци Јанев од 2019 година донирал околу 20.000 евра, Карастоев донирал 5.000 евра за изборите во 2024 година, а директорката на „Д-Дигитал Конто“, Танкица Ефтимова, уплатила 2.500 евра.
„Ако фирмата на вашиот баџанак можеше да го добие првиот празничен ручек во Струмица, а неговите фирми во Петрич тивко да си работат преку граница, дали тоа значи дека во вашето поимање на владеењето на правото, единственото нешто што циркулира навистина слободно помеѓу Македонија и Бугарија е профитот за вашите роднини?“, праша Апасиев од собраниската говорница.
На ваквите обвинувања возврати премиерот Мицкоски, кој го обвини Апасиев дека ја злоупотребува пратеничката говорница и имунитетот за да изнесува лаги и клевети. Тој јавно го предизвика лидерот на Левица да ги повтори истите тврдења на прес-конференција надвор од собраниската сала, за да можат случајот да го решат пред судските органи.
„Јас ве поканувам како голем маж, храбар маж, што не сте, а не обична кукавица да излезете ова што денеска го кажавте и надвор пред медиуми на прес-конференција да го кажете, и тогаш ќе се најдеме во арената каде што вие сте најјак, а тоа е судот. Па ќе мора ова што денеска го кажавте, да го докажете“, порача Мицкоски, додавајќи дека неговиот политички опонент воопшто не се разбира од бизнис, а прославата на градската слава во Струмица ја сквернави затоа што е „еретик кој не ги разбира верските обичаи“.
Премиерот потврди дека Јорданчо Јанев му е баџанак, но демантираше дека тој стекнал бугарски пасош во 2017 година, појаснувајќи дека документот го поседува уште од 2003 година. Мицкоски истакна дека Јанев е син на двајца стечајци од некогашната фабрика „Треска“, кој својот бизнис чесно го гради повеќе од 25 години започнувајќи со еден камион во времето на транзицијата. Тој праша што има спорно во тоа македонски граѓанин да заработува пари во странство и да ги носи и троши во Македонија, наместо да ги изнесува надвор на скапи летувања на Егејското крајбрежје и шопинг во Солун, за што директно го прозва Апасиев и неговото семејство.
Во однос на финансирањето на партијата, Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ има илјадници легитимни донатори, членови и симпатизери. Наспроти тоа, тој го обвини раководството на Левица дека си исплаќа партиски хонорари и дневници, со кои потоа купува објекти и регистрира кафулиња и ноќни клубови, од каде што црпи профит за задоволување на сопствените „хедонистички навики“.









