ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ЗНМ: Онлајн нападите, економската несигурност и неказнивоста остануваат сериозна закана за безбедноста на новинарите

И покрај одредените позитивни поместувања, македонските новинари и медиумски работници и понатаму се соочуваат со сериозни предизвици во својата работа, покажува Годишниот извештај „Индикатори за степенот на слободата на медиумите и Индекс на безбедноста на новинарите 2025“, што го презентираше Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

Според извештајот, кој е изработен во рамките на регионалната мрежа SafeJournalists, во текот на 2025 година се забележани позитивни чекори како воспоставувањето регистар на онлајн медиуми и изборот на нови членови во советите на медиумскиот регулатор и МРТ, но суштинските реформи и целосното усогласување со европското законодавство сè уште не се завршени.

Пораст на онлајн вознемирувањето и сексистичките напади врз новинарките

Иако е забележана подобрена институционална реакција во дел од случаите на физички напади, посебно загрижувачки се новите форми на закани во дигиталниот простор.

„Наодите покажуваат пораст на онлајн вознемирувањето и сексистичките напади насочени кон новинарките, што укажува дека дигиталниот простор станува сè поризична средина. Дополнително, економската ранливост, нискиот социо-економски статус и несигурноста на работните места во приватните и локалните медиуми остануваат клучен проблем кој негативно влијае врз медиумскиот плурализам“, се наведува во извештајот на ЗНМ.

Од Здружението нагласуваат дека борбата против неказнивоста за нападите врз новинарите, усогласувањето на домашната регулатива со европските стандарди и подобрувањето на економските услови за работа остануваат клучни предуслови за слободно и независно новинарство во државата.

Back to top button