ВЕСТИМАКЕДОНИЈА
Во тренд

Избришани поимите за род и сексуалност: Мрежата за заштита од дискриминација алармира за цензура во наставните програми

Невладиниот сектор алармира поради промените во наставната програма за сексуално образование и отстранувањето на клучните термини поврзани со родот и сексуалната ориентација. Бараат итна реакција од КСЗД и објавување на документацијата од МОН.

Мрежата за заштита од дискриминација изрази сериозна загриженост поради неодамнешните измени во наставната програма, со кои предметот за сеопфатно сексуално образование е преименуван во „Здравје и заштита на здравјето“, а притоа се отстранети важни поими поврзани со родот, сексуалната ориентација и репродуктивното здравје. Според нивното најново соопштение до јавноста, ова не е само прашање на образовна политика, туку прашање на еднаквост пред законот и заштита на достоинството на секое дете. Тие прашуваат како се очекува децата да ја препознаат дискриминацијата и хомофобичното вознемирување доколку образовниот систем го премолчува проблемот и избегнува да зборува за основите по кои таа се случува.

Училиштето мора да биде место каде сите учат дека различностите не се оправдување за нееднакво постапување и насилство, порачуваат од Мрежата, нагласувајќи дека дискриминацијата не е апстрактен поим, туку се случува секојдневно во ходниците и врсничките групи. Отстранувањето на термините од програмата, предупредуваат тие, создава ризик одредени искуства на учениците да останат непрепознаени. Оваа противречност ја оценуваат како особено загрижувачка бидејќи државата преку Законот за спречување и заштита од дискриминација изречно ги препознава полот, родот и сексуалната ориентација како заштитени основи, додека истовремено во образованието таа терминологија станува непожелна. Според организацијата, дополнителен сомнеж фрла фактот што ревизијата следува по јавните оспорувања од одредени религиозни групи и антидемократски движења.

Поради ваквите ризици, Мрежата за заштита од дискриминација официјално бара од надлежната Комисија за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) да ги разгледа измените и да процени дали тие создаваат дискриминаторски ефекти. Истовремено, упатуваат барање до Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието јавно да ја објават целосната документација за ревизијата на програмата. Тие инсистираат на проценка на влијанието врз еднаквоста во која ќе бидат вклучени стручни лица за човекови права, со цел да се преиспитаат сите промени. Образованието, заклучуваат од Мрежата, мора да им помогне на децата да ја препознаат неправдата, бидејќи дискриминацијата не исчезнува кога ќе престанеме да ја именуваме, туку само станува потешка за спречување.

Back to top button