
СДСМ преку членот на Извршниот одбор, Андреј Жерновски, побара од надлежните институции веднаш да поведат постапка за екстрадиција на Ива Михаилова, а министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да си поднесе оставка поради скандалот со нејзиното бегство, соопштија од партискиот центар за комуникации од денешната прес-конференција.
Жерновски нагласи дека овој случај не може да се затвори само со дипломатски разговори и најави за евентуални потерници, туку мора да следува конкретна институционална постапка и утврдување на политичка одговорност. Според членот на Извршниот одбор на СДСМ, министерот Тошковски мора да си замине од функцијата бидејќи МВР е надлежно за контрола на државната граница, додавајќи дека неговата оставка би претставувала гаранција дека тој нема да влијае врз истрагата за тоа како Михаилова ја напуштила државата и кој го овозможил тоа.
Околностите под кои обвинетата ја напуштила државата отвораат сериозни прашања за можен политички договор, додека молкот на премиерот Христијан Мицкоски само ја зголемува сомнителноста и потврдува дека ги штити инволвираните во аферата, обвини Жерновски. Тој јавно посочи дека пуштањето на Михаилова е договорена работа, алудирајќи на средбите на владините претставници во Бугарија, со тврдење дека јавноста сега гледа што всушност договорил министерот Тимчо Муцунски во Софија и дека сето тоа било направено „под радарот“.
Од опозициската партија инсистираат дека мора да се утврди одговорност за секој што договарал, давал незаконски наредби или на кој било начин го овозможил заминувањето на Михаилова. Жерновски во своето обраќање истакна дека во актуелната влада има огромен број функционери со бугарски пасоши и фирми во Бугарија, поради што, според него, целиот случај добива крајно сериозна димензија, заклучувајќи дека судските одлуки мора да важат за сите и дека граѓаните заслужуваат вистина и правда.
